Како што се приближува есента, партиите полека ги откриваат имињата на кандидатите кои ќе „трчаат“ на следните избори.
Синоќа СДСМ објави дека Ѕвонко Пекевски – Берово, Борис Георгиевски – Гази Баба, Јасмина Гулевска – Могила, Тони Делков – Неготино, Даниел Крстевски – Ранковце, се нивни адути за следните локални.
Ова се петте имиња кои синоќа го поминале филтерот на Извршниот Одбор на Социјалдемократите и со статус „дефиниран за кандидат за градоначалник“, влегуваат во трката за освојување на општините за каде се предложени.
„Ова се кандидатите кои според сите истражувања, анализи и испитувања на јавното мислење се најдобрата понуда за општините Берово, Гази Баба, Неготино, Могила и Ранковце, соопшти претседателот на СДСМ Зоран Заев.
Процесот на селекција на кандидатите за градоначалници продолжува до крајот на август, до кога се очекува негово целосно заокружување.
Делков, Георгиевски, Гулевска и Пекевски се актуелни градоначалници и на изборите ќе се борат за нов мандат. Ранковце,кое досега беше раководено од лице кое на претходните локални избори настапи како независен кандидат.
Кон средината на овој месец, како што е познато, СДСМ номинира триесетина кандидати за градоначалници од кои повеќето се веќе актуелните.