Home News Многу се поразлични од претходно – д-р Даниловски ги објасни симптомите на...

Многу се поразлични од претходно – д-р Даниловски ги објасни симптомите на Делта сојот

Делта е заразна како овчи сипаници, при што едно инфицирано лице вообичаено заразува уште осум или девет други.




За споредба, првичната форма била заразна како настинката, со просечно пренесување од едно на две други лица

Варијантата делта на ковид-19 е исклучително заразна, како ретко кој друг вирус, предизвикува потешки симптоми, а ја пренесуваат и вакцинираните, иако тие многу ретко се разболуваат.




Ова се заклучоците на интерен документ на Центрите за превенција и контрола на болести (ЦДКП) на САД, каде што варијантата делта забрзано се шири низ повеќето сојузни држави.

Директорката на ЦКДП, доктор Рошел Валенски, ја потврди автентичноста на документот, изработен како презентација со слајдови.




– Сметам дека луѓето треба да разберат дека не креваме непотребно тревога. Ова е сериозно. Ова е еден од најзаразните вируси за кои знаеме. Мали сипаници, овчи сипаници, ова, сите се тука некаде – изјави Валенски за Си-ен-ен.




Синоќа, во гостување на Дневникот на ТВ Сител, нашиот водечки епидемиолог, проф. д-р Драган Даниловски, зборуваше за симптомите на новиот делтасој и за тоа кога е потребно граѓаните да побараат медицинска помош.




– Интересно кај делта-сојот е дека многу умешно си направи една мимикрија за да не биде препознаен, се измаскира во однос на алфа-сојот и на оној класичниот тип од Вухан.

Со тоа што овојпат кај делта апсолутно предоминираат симптоми на обична настинка – главоболка, болка во грлото и течење на носот.




Она што беше класика за алфа – кашлица, губење на мирис и вкус итн. некако се повлекоа во заден план, објаснува д-р Даниловски.

Според д-р Даниловски, кога станува збор за делта-сојот, нема начин да се направи разлика меѓу ковид-19 и обична настинка и тоа може да се провери само со тестирање.




– Препорачливо е ако се појават вакви симптоми, и уште згора на сѐ се појави зголемена телесна температура, тој што ќе го искуси тоа да не шета безгрижно наоколу, туку да си направи тест и додека го чека резултатот да си остане дома.




Како и досега, лицето треба да побара медицинска помош ако се појави упорно покачена температура, отежнато дишење, тешка малаксаност итн., препорачува д-р Даниловски.




Previous articleБРАВО, БРАВО: Арнаудова реновираше 2 куќи на семејства кои немаат – тие и дадоа торта (ФОТО)
Next articleМицкоски: Тој што се плаши од својот народ, треба да се спакува и да си оди