Home News Расте бројот на нови случаи со вирусот, состојбата може да стане загрижувачка

Расте бројот на нови случаи со вирусот, состојбата може да стане загрижувачка

Според Светската здравствена организација (СЗО), бројот на случаи на коронавирус во европскиот регион надмина 60 милиони од почетокот на пандемијата. Воедно, СЗО потсети дека „патувањата во странство не се без ризик“.




– Крајот на пандемијата е далеку и за жал, има повеќе од 1,2 милиони смртни случаи во европскиот регион досега како резултат на Ковид-19, изјави Дорит Ницан, директорка за итни случаи на СЗО за европскиот регион.

Таа ја истакна важноста земјите да продолжат со заедничките напори за заштита на најранливите граѓани и ризични категории.




СЗО соопшти дека повеќе од 198,02 милиони случаи на Ковид-19 се регистрирани во светот, вклучувајќи околу 4,22 милиони смртни случаи, додека се администрирани речиси 3,84 милијарди дози вакцини.

– За да се запре пандемијата, треба да ги изедначиме можностите за вакцинација во сите земји, вклучително и поддршка за производство на вакцини и споделување дози по потреба, за да ја заштитиме ранливата популација во секоја земја, рече Ницан.




Процентот на вакцинирани е многу различен во 53 земји во европскиот регион на СЗО, кој вклучува земји од Гренланд на северозапад до крајниот исток на Русија.

– Бидејќи се покажа дека вакцините се ефикасни во спречување на сериозни болести и смрт, повеќе случаи на коронавирус во приоритетните групи ќе значат повеќе хоспитализации и смртни случаи. Затоа мора итно да ги вакцинираме приоритетните групи, истакна таа.




Во текот на последните неколку денови се регистрираат поголем број случаи на заразени со Ковид-19, за разлика од дневниот број на новозаразени во текот на јули. Во моментов активни се 627 случаи на заболени со Ковид-19.

Сепак, надлежните смируваат дека вакцинацијата, која според експертите е главниот спас од пандемијата, се одвива со добро темпо на територијата на целата држава. Со една доза на вакцина против Ковид-19 се вакцинирани 31 отсто од населението над 18-годишна возраст.




Според последните податоци, од почетокот на епидемијата досега во земјава со Ковид-19 се заразиле 156.543, оздравени се 150.422, а починати се 5.494 лица.

Најмногу активни случаи има во Скопје 195, потоа во Тетово 175, а во Куманово се активни 68 случаи.




Од Минстерството за здравство постојано апелираат граѓаните да се вакцинираат. Вакцинацијата, како што се посочуваат, е единствен начин да го победиме вирусот и да спречиме понатамошно ширење на истиот во есенските денови, односно во деновите во кои во светски рамки е прогнозиран иден нов бран на делта сојот.




– Вакцинацијата се одвива со добро темпо на територијата на целата држава. Заклучно со 1 август, со една доза на вакцина против Ковид-19 вакцинирани се 31 отсто од населението над 18 годишна возраст.

Кај лицата над 50 годишна возраст опфатот со една доза изнесува 50,6 отсто, кај лицата над 60 годишна возраст опфатот со една доза изнесува 61,2 отсто, додека кај лицата над 70 години изнесува 64,9 отсто, соопшти Министерството за здравство.




Според последните податоци, најмногу со прва доза вакцинирани граѓани има во Скопје – 159.514, во Битола – 35.067 и во Тетово – 31.007 граѓани.

Куманово, Прилеп и Охрид имаат меѓу 20.000-25.000 вакцинирани граѓани со прва доза, а меѓу 15.000-20.000 граѓани се вакцинирани досега во градовите Велес, Кавадарци, Струмица, Гостивар и Штип, додека пак во Кочани и Струга вакцинирани се нешто повеќе од 10.000 граѓани.




Во Демир Хисар, Кичево, Ресен, Неготино, Св. Николе, Берово, Виница, Делчево, Пехчево, Крица Паланка, Кратово, Дебар, Крушево, М.Брод, Валандово, Пробиштип и Радовиш вакцинирани се под 10.000 граѓани во секој од градовите.

Во тек е вакцинација во постоечките вакцинални пунктови во државата, каде граѓаните може да се вакцинираат без да закажат термин. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територијата на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место и населба.




Процесот на вакцинација со домашна посета се одвива непречено и навремено според заинтересираноста на граѓаните за оваа услуга.

Вакцини има доволно и истите се достапни за сите кои сакаат да се вакцинираат, информираат од Министерството и апелираат на што поголема заинтересираност и во периодот што следува.

Previous articleТалат од Преспав ја покажа девојката (ФОТО)
Next articleСрби откриваат на кој премин да се влезе во Грција од Македонија: Не што нема гужва, едвај најдовме цариник печати да ни удри