Home Live ФОКУС ја раскажа приказната за Фапот на кој цела Македонија му се...

ФОКУС ја раскажа приказната за Фапот на кој цела Македонија му се изнасмеа

Вчера хит на социјалните мрежи, беа снимките од расклиманиот Фап од минатиот век, кој помагаше во гасењето на големиот пожар во близина на Граничен премин Богородица, Гевгелија, а кое се одвиваше завчера.




Во коментари, многумина прокоментираа дека е недозволиво во 21 век да се нема модерна опрема за справување со пожарите, но имаше и такви кои рекоа дека не е важно колку е старо возилото, туку дека е важно дали е исправно и дали си ја врши работата.




Критики на сметка на државата, поради тоа што функционерите се возат во модерни автомобили, додека во возните паркови на противпожарните единици во земјава уште постојат, и се гасат пожари со ,,музејски експонати” се актуелна тема денес.




Околу тоа која е приказната со Фапот, возило кое може да се види во старите Југословенски филмови, ,,Фокус” разговараше со градоначалникот на Демир Капија, Лазар Петров, бидејќи возилото е во сопственост на општината.




-Снимките ги видов, и да, доколку не се работеше за една сериозна и опасна ситуација, ќе беа смешни. Фапот датира од седумдесеттите години на минатиот век, и нашата општина не го користи за гасење на пожари, туку единствено за миење на улиците.




Сепак, Демир Капија е мало место, возилото, какво – такво, ги задоволува потребите. Со него во Гевгелија однесовме осум тони вода и придонесовме за гасење на пожарот. И јас гасев заедно со пожарникарите и доброволците, тоа беа страшни слики.




Кога ми се јави градоначалникот на Гевгелија, Поцков, и бараше било каква помош, во тие моменти не се размислува многу, бидејќи секоја капка вода е добредојдена – појаснува градоначалникот.




Додава дека Демир Капија има цистерна Мерцедес за локална употреба, која не била во доволно стабилна состојба да замине на подолг пат, па затоа се решиле да го испратат Фапот.




Исто така, појаснува дека кога е противпожарната единица во прашање, тие ги користат услугите на Општина Неготино, и наскоро преку проект на Вардарски плански регион ќе се набават четири модерни возила за гасење на пожари, и тоа за општините Кавадарци, Велес, Свети Николе и Неготино, а возилото за Неготино ќе се користи и за потребите на Демир Капија.




-Околу шеговитите коментари на сметка на хаубата на Фапот, која подрипнуваше за време на возењето, морам да појаснам дека возилото така функционира и се спречува прегревање.

Но, овие возила, колку и да изгледаат како историски експонати, се многу добри кога се работи за стрмен терен.




Новите модерни противпожарни возила се поефикасни кога треба да се гаси пожар во населено место, до кој се доаѓа по рамен пат – вели Петров за Фокус.

Previous articleФилипче промовираше апликација за имунизираните (ФОТО)
Next articleНенад Јовановиќ: Од мултибитангизам што владееше во земјата 10 години, стигнавме Џо Бајден лично да ни се поклони за исчекорот напред