Home News Во САД состојбата со вирусот се усложнува – најголем број нови случаи...

Во САД состојбата со вирусот се усложнува – најголем број нови случаи во државите каде гувернери се Републиканци

Соединетите Американски Држави во изминатите седум дена во просек имаат 94.819 нови случаи на зараза дневно, што претставува зголемување од пет пати за помалку од еден месец.




Просекот од седум дена дава најточна слика за стапката на ширење на случаите, бидејќи некои држави за бројките известуваат еднаш неделно.




Седум држави со најмал број на вакцинирани – Флорида, Тексас, Мисури, Арканзас, Луизијана, Алабама и Мисисипи – претставуваат половина од сите случаи и хоспитализации низ САД, изјави во четвртокот координаторот на Белата куќа за ковид-19, Џеф Зиентс.




Водечкиот американски епидемиолог Ентони Фаучи во средата предупреди дека бројот на нови дневни случаи може да се искачи на 200.000 во наредните недели.

„Луѓето кои не се вакцинираат погрешно мислат дека се работи само за нив. Но, не е така. Се работи и за сите други“, додаде Фаучи.




САД во борбата против позаразната делта варијанта планираат да им дадат трета доза вакцина на Американците од високоризичните здравствени групи, најави Фаучи во четвртокот.




Така, САД им се придружуваат на Германија, Франција и Израел во донесувањето на таа одлука, игнорирајќи ги повиците на Светската здравствена организација да го одложат за да дозволат дози и во други делови на светот.




Јужните држави, кои имаат најмал број на вакцинирани, имаат најмногу нови случаи. Флорида, најголемото жариште во земјата, во четвртокот постави нов црн рекорд со вкупно 12.373 пациенти со ковид-19 во болниците.




Од сите хоспитализации во САД 23 проценти се во Флорида, изјави во средата портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, повикувајќи го републиканскиот гувернер Рон Де Сантис да се „вклучи во борбата“ против коронавирусот, откако тој го критикуваше претседателот Џо Бајден дека ја издвоил Флорида.




Бајден во вторникот ги повика републиканските лидери во Флорида и Тексас, каде што се третина од новите случаи, да ги следат јавните упатства воведени поради пандемијата или „да се тргнат од патот“.




Во борбата против пандемијата, градот Њујорк воведе задолжителен доказ за вакцинација за влез во ресторани, теретани и други места. Некои американски приватни компании, исто така, воведоа задолжителна вакцинација за своите вработени.




Previous articleПожapoт пеплoca cè нaoкoлy, но го зaoбиколи манacтиpoт (ВИДЕО)
Next articleПо шоkoт кој стигна од Барса, еве каде најверојатно ќе продолжи бравурозниот Меси