Home News Битолскиот професор: Врвот во овој бран ќе биде многу висок и ќе...

Битолскиот професор: Врвот во овој бран ќе биде многу висок и ќе се достигне многу брзо

Битолскиот професор по Механика Дејан Трајковски, кој прави анализи на ковид бројките, вчера напиша:




„06.08.2021. Ситуацијата им изгледала нејасно, не знаеле дали бројките ќе растат или ќе паѓаат. Што да каже човек на ова?

Дали се работи за елементарно непознавање на работите или само за продолжување на познатата тактика на купување време преку замајување на населението, додека го достигнеме и поминеме и овој врв на епидемијата?

Зар не го гледаат ефективниот репродукциски број Rt, екстремно висок, на ниво какво што не сме виделе од почетокот на епидемијата?




Самата вредност на Rt поголема од единица кажува дека бројките се зголемуваат и допрва ќе се зголемуваат по геометриска прогресија, т.е. експоненцијално.

Моментално растат во просек по 20% во однос на претходниот ден. За да се намалуваат би требало Rt уште утре да опадне под единица.

Но, тоа е невозможно, бидејќи Rt е непрекината математичка функција и не може нагло да опадне од 2,44 на помалку од еден.




Иако во математиката постојат и прекинати функции, во природата процесите се континуирани, ништо нагло ниту се појавува ниту престанува (временските константи се мерат во недели), освен со човечка интервенција.

Во случајот тоа би биле силни рестриктивни мерки, што очигледно немаат намера да ги донесат. Тогаш како можат да се надеваат на намалување на бројките? Додуша, тие ќе се намалат самите од себе, кога ќе биде достигнат врвот, но имаме уште пат до таму.




При толку висок Rt, при толку висока преносливост и забрзување на растот на броевите, од денешните 325 веќе ни 2.000 случаи на ден не изгледаат предалеку, до таму би дошле до крајот на август.

Но, што би значеле 2.000 нови случаи на ден? При стапка на хоспитализација од 11%, како досега, тоа би значело додавање на 200 новохоспитализирани дневно, за што е јасно дека нашиот здравствен систем нема капацитет.

Нека не се 2.000, нека бидат и само 1.000 случаи дневно со 100 новохоспитализирани, тоа исто така би довело до брзо пребукирање на ковид болниците.




Иако не се објавуваат податоци за хоспитализациите, вчера видовме дека во Тетово од 260 активни случаи 27 биле хоспитализирани, што значи блиску до стапката од 11%, спомената претходно.

Ќе дозволиме можност дека во другите градови нема да има толкав процент на хоспитализирани поради подобриот опфат со вакцинација, но тој опфат сепак не е на ниво на Велика Британија, на пример.




Понатаму, стапката на леталитет деновиве не е ништо помала од досегашниот просек од 3,52%. Напротив, дури е малку и поголема (на дијаграмот на третата слика).

Сите поч инати (досега 11 во овој бран) поминале низ болниците, а ако стапката на леталитет останала непроменета, тогаш ни стапката на хоспитализации не е многу променета од поранешните 11%.




Нормално, ова е само почеток и сé уште има повеќе од доволно слободни болнички постели, но треба да се гледа трендот на раст, не треба да се решава проблемот откако ќе дојде ножот до коска. Но, знаејќи како се управувала целата криза досега, јасно е дека така ќе се продолжи и во иднина.

Ќе се чека додека се наполнат болниците, ќе се примаат само најтешките болни, а останатите ќе продолжат да се лекуваат дома, како што знаат и умеат и колку што им дал Господ.




Евентуално дури тогаш, на самиот врв од бранот или неколку дена подоцна (како во април) ќе се глуми некаква грижа и ќе се воведат некакви полумерки од кои веќе нема да има никаква корист.

“Развлекувањето на кривата“ преку рестриктивни мерки добива полно значење токму во ваква ситуација, затоа што овој врв ќе биде многу висок, иако најверојатно побргу достигнат од досегашните врвови.




Но токму големиот број случаи во кратко време претставува ризик од преполнување на болниците. Сите надежи се вложени само на една карта, опфатот со вакцинација, но гледаме дека тоа не е доволно.

Зарем Кина не знае што прави, па иако имаат вакцинирано повеќе од половина од населението, сé уште водат политика на нулта толеранција кон ковидот? Јасно им е дека само со вакцините (барем со нивните вакцини) не можат да ја сопрат епидемијата.

Да се потсетиме, нашата вакцинална кампања е базирана 70%-75% на кинеските вакцини, па треба кинески и да се однесуваме, ако сакаме да спречиме кат -астрофа.




Да ги имавме вакцините употребени во Велика Британија или Израел (како и тамошниот опфат со вакцинација!) ќе можевме да се однесуваме покомотно.

Па ете, дури и Израел размислува за нов локдаун до крајот на август, што значи гледаат неколку чекори однапред. Сите нешто мислат и преземаат, само кај нас сé уште се дозволуваат масовни свадби и други веселби.

Само нека продолжат така, но нека се подготвуваат и за лошо сценарио во наредните 2-3 месеци.“

Previous articleВо недела е голем Христијански празник – во Кисела Вода се наоѓа црквата посветена на Света Петка
Next articleД-р Пановски искрено и разочарано изјави: Јас сум крив што го избркаа колегата од работа