Премиерот Зоран Заев го прекина одморот по реакциите во јавноста дека не е во државата, во време кога државата се соочува со големи пожари со кои тешко се справува и е прогласена кризна состојба. Тој според владината прес служба требаше да е на одмор до 12 август.
„Во периодот од 3 до 12 август дел од членовите на Владата ќе искористат денови од годишен одмор.
Владата секојдневно ги извршува сите свои функции, а согласно состојбата со пожарите министрите секојдневно заседаваат и одржуваат седници преку онлајн видео конференциска врска и навремено и непречено ги носат сите потребни одлуки.
Согласно меѓусебна координација, дел од министрите нема да користат денови од годишен одмор во овој период, а со цел да се обезбеди и теренска и канцелариска координација на активностите секогаш и секаде каде што тоа е потребно.
Овие денови теренската координација е обезбедена од страна на првиот вицепремиер Артан Груби, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, министерот за земјоделство Арjанит Хоџа, министерот и заменик министерот за информатичко општество и администрација Шакири и Бајдевски.
Министерката и заменик министерот за образование Царовска и Шабани, заменик министерот за внатрешни работи Буши, заменичката министерка за животна средина Оџаклиеска, заменикот министер за труд и социјала Енвер Хусин, заменикот министер за здравство Илир Хасани, заменик министерот за правда Нухиу.
Премиерот Зоран Заев користи денови од годишниот одмор до 12 август, а е во постојана телефонска и интернет координација со сите ресорни министерства
и надлежни институции.“
Сепак, денес Заев се појави меѓу жителите на Будунарци и даде информација на својот профил на социјалните мрежи:
-Над селото Будимирци Беровско средба и увид на терен извршија заедно со директорот на ЦУК Стојанче Ангелов и со силите ангажирани за гаснење пожари од локалните самоуправи од земјава и од Австрија.
Беровско Будинарци е уште едно од македонските населени места кои се исправија пред огнот и заедно со пожарникарите, со своите мештани и со солидарната помош се борат за безбедност и за спас на околината.
Шумите лесно се палат, а тешко се гасат – порачувам да внимаваме сите, да ја ставиме безбедноста на прво место и да ги спречиме сите ризици кои може да предизвикаат пожар, соопшти премиерот Зоран Заев.
„Во овие денови на регионална солидарност, уште еднаш упатуваме огромна благодарност за помошта која е веќе на теренот, а пристигна од Србија, од Словенија и од Австрија, како и за двата авиони кои пристигнуваат од Романија.
Ситуацијата ја следиме постојано и будно, во постојана ангажираност и координација се сите капацитети на државата и заедно со граѓаните и со пријателската помош заедно ќе се справиме со оваа опасност“, додаде тој.