Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов вчера на социјалните мрежи постојано известуваше за активностите во Беровскиот регион.
-Два македонски и два српски хеликоптери непрекинато, почнувајќи од раните утрински часови, учествуваат во гаснењето на големиот шумски пожар во реонот на пехчевската и беровската оштина.
За да се зголеми нивната ефикасност, во близина на местото на кое гаснат, поставивме цистерна со керозин и сега наместо да летаат до Скопје за да наполнат гориво полнат до самото место на гаснење со што времето за полнење на гориво е драстично скратено со и можат да се направат значително повеќе летови.
Воедно во и до коритото на реката Брегалница се врши ископ на поголем земјен базен од кој ќе може да се црпи вода со што дополнително е скратено времето на интервенција.
Во овој момент пожарот е под делумна контрола но високата температура. сувата вегетација и силниот ветер можат да ја променат состојбата во секој момент.
Околу 14.00 часот на оваа локација ќе дејствува и романскиот авион чија носивост е околу 6 тони вода за разлика од нашите хеликоптери чија носивост е 2 тона или српските чија носивост е до 1,2 тона, напиша во една објава Ангелов.
Стојанче ангелов, денес од беровскиот регион изјави дека Главниот штаб на Центарот за управување со кризи има извонредна комуникација со Владата.
-По наше барање Владата одржа итна седница, работите кои што ги кажа премиерот беа веднаш обезбедени, потребните одлуки беа донесени.
Јас како раководител на тој главен штаб и на целата оваа кризна состојба сум во постојана комуникација со премиерот и на мене ми е сеедно дали премиерот е овде во Скопје или на било кое друго место.
Од првиот пожар досега сме во постојана комуникација и секогаш кога имало потреба премиерот да се ангажира во одредена работа сум можел да го добијам во истиот момент, рече Ангелов
Ангелов брифираше и за моменталната ситуација со пожарите во државата.
-Моментално имаме пожари во Прилеп кај село Дрен и село Смолани кој што е ставен под контрола и моментално се догасува и верувам денес ќе биде локализиран.
Покрај него имаме пожар во Велес кај село Џимирци, но тој се префрла кај Скопскиот регион во селото Круш и селото Дивје и овој е малку покомплициран, бидејки се работи за непристапен терен.
Во Скопје гори кај Сарај, таму е реактивиран пожарот кај Раовиќ и село Буковиќ и верувам дека денес ќе биде ставен под контрола и повторно имаме пожар во Старо Нагоричане и тоа кај селото Љубино и Дренак, кој што повторно се активирани рече директорот на ЦУК.
Состојбата како што додаде е целосно под контрола освен во Беровско за кој нагласи дека е важно да се каже дека на ниту едно место, нити еден човек не е загрозен поради што апелираше пред се да се внимава на човечките животи бидејки пожарите ќе се изгаснат.