Home Live Ќерка ми и синот сакаат да ме преселат во Германија, но едно...

Ќерка ми и синот сакаат да ме преселат во Германија, но едно нешто се уште ме колеба

Секој од нас живее и работи само за да си дочека пензија и да си го поминува времето со своите најмили. Камо среќа сите да можат да си дочекаат свои деца и внучиња од нив. И јас ја имав таа среќа да добијам внучиња од едното дете.

Сопругот не дочека, после свадбата на ќерката си замина, ама јас живеам за нив. Имам две деца, син и ќерка, а јас сама живеам во куќата веќе со години..

Понекогаш многу се каам што ги пуштив да заминат во странство, но од друга страна, си велам, најважна е нивната среќа, моето е изживеано веќе. Ќерката се омажи со долгогодишното момче и заминаа да живеат во Германија затоа што зетот веќе работеше таму.

Не очекував, но по некое време замина и синот кај неа. Му помогнаа, го снајдоа со работа и стан, па и тој си остана таму. Многу тагував по нив, а откако отидов во пензија па уште повеќе. Среќа што ме научија да работм на телефон, па многу полесно ми е што можам да го гледам секој ден преку интернет.

Ќе работам што ќе работам преку ден, ама навечер мора да седнам на телефонот и да чекам да ми се јават после работа. Деновите ми минуваат со дружењата со сосетките и со разговорот со моите деца навечер.

Тие си доаѓаат барем двапати годишно, обично сите големи празници заедно ги минуваме. Уште тоа ми фали, за празниците да не дојдат и да седам сама.

Тие ми се најголема утеха и радост во пензионерските денови. Сега чекам уште синот да се ожени, си има тој девојка таму но уште не се решаваат на тој чекор.

Барем и од него да си дочекам внуци, па што сака нека биде. Мило ми е што имаат посебни станови и знам дека имаат покрив над глава. Еве веќе 7-8 години како се таму, а јас едвај 3 пати да сум била кај нив на гости.

Тие си доаѓаат со автомобили и секогаш ми нудат да отидам со нив, има место каде да спијам, ама јас не па не..едвај ме натераа да отидам да видам каде и како живеат.

Знаете, ние постарите малку потешки сме за одење некаде, посебно па ако не сме навикнати да шетаме така. Не ни се остава куќата сама ни два дена. Ама кога отидов и видов каде живеат не можам од ништо да се пожалам.

Мора да признаам дека животот таму е навистина поинаков одовде. Друга средина, начин на живот, поразлични луѓе, инфраструктура.. како што не сум била досега во друга земја, ептен убаво искуство имам од Германија.

Ме изнашетаа децата, ме одведоа во скоро сите големи градови што ни беа во близина. Толкави паркови немам видено никаде, бев воодушевена. Цело време бев со децата со внучињата, цело време имаше луѓе околу мене што кога се вратив дома ми беше препуста куќата.

Од една страна сакам мир, но од друга ми фалеше детската смеа и седењето заедно на маса. Тешко е кога човек остане сам и нема со кој да го подели лебот. Ама ајде си велам, децата се најважни. Последниот пат кога бев се договоривме пак да ме земат со нив на гости следното лето.

Арно ама, сега нешто им текнало што мене не ми оди баш во план. Иако немам што да изгубам или оставам дома сепак се двоумам.

Ме убедуваат да заминам и да живеам цело време со нив, ќерка ми сака кај неа да ме земе да и ги гледам децата дури се на работа а и мене да ми мине времето. Наместо да сум седела сама дома, вака барем ќе бидам покрај нив и ќе можеме секогаш да се гледаме.

Ех, мислат лесно е да се остави куќа и да се замине некаде. Јас живеам овде скоро 40 години и не сум веќе млада за да почнувам нов живот. Не знам дали ќе се навикнам да живеам таму, воопшто не е исто како тука. Ме плаши неизвесноста и прилагодувањето, не знам ни јазик нема да можам да се разберам ни во продавница.

Но од друга страна пак, знам дека ќе поминам бесценето време со моите деца, барем годините на крај ќе ми минат во убавини и среќни моменти.

Не сакам ни да им пречам, да ме чувствуваат како гостин, можеби оддалеку е подобро, повеќе ќе се сложуваме. Навистина не знам што да сторам. Ми останува само да се обидам барем некој период да живеам, па ако не чини ќе се вратам дома.

Previous articleПоразлични се од основниот – овие симптоми укажуваат на Делта сојот
Next articleСтипе Месиќ: Ниту Тито, ниту некаква Коминтерна го создала Македонскиот јазик