Првиот вицепремиер Артан Груби најавува за 13 август спектакуларна прослава на 20 годишнината од Рамковниот договор по цена од 30 милиони денари.
Закупен е хотелот Александар Палас а ќе има и концерт на оперскиот пејач Раме Лахај со македонската филхармонија.
Вчера Груби рече дека 30 милиони денари за прослава на овој јубилеј не е висока цена во однос на придобивките и најави и низа други настани по 13 август.
-Цената е таа, но не мора да значи дека тоа ќе го исплатиме на крај затоа што се работи за настани што ги организираме веќе еден месец, а ќе продолжат и по 13 август.
Не се работи само за 13 август, туку за повеќе и ќе видиме на крај кои се трошоците, но секако овој трошок нема да биде поголем од придобивката што ја имаме од Охридскиот рамковен договор, а тоа траен мир, инклузивно општество, земја во НАТО и со европска перспектива.
Во тоа голем удел има и Охридскиот рамковен договор – рече Груби на Канал 5.
На ова жестоко реагираше поранешниот висок функционер на СДСМ, поранешен министер и амбасадор во Софија, професорот Ѓорѓи Спасов:
„Прослава како три врби во Вардар. Да се потрошат 500 илјади евра за одбележување на 20 годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор е глупост.
А образложението на Груби дека “користа од таа прослава ќе биде поголема од потрошените пари за неа” е еднаква на изјавите на Груевски кој секогаш на прашањето колку чинат неговите бизнис екскурзии од Кина до Мексико одговараше дека тоа не е важно бидејќи “користа од тие светски патувања за Македонија ќе била поголема од потрошените пари”.
Се е исто. Дури ниту речникот не се менува. Пола милион евра за прослава кога молиме за помош во гаснењето пожари е неодговорен чин.
Би било паметно некои од поканетите странски гости да го откажат доаѓањето среде пандемија и со тоа да укажат на бесмисленоста од големиот трошок.“