Home News Објавена е анкетата на НДИ – еве како стојат работите

Објавена е анкетата на НДИ – еве како стојат работите

Во анкетата на НДИ, спроведена во март и април годинава, а чии резултати се објавени вчера, македонските граѓани биле анкетирани на теми поврзани со демократијата, владеење, ковид-19, геополитика и дезинформации.




Демократијата како систем на владеење ја преферираат 58% од граѓаните, но се скептични дека основните принципи како владеење на правото се достижни. На 56% од испитаниците квалитетот на живот им е поважен од демократските стандарди.




Нa прашањето „Дали нивото на демократија во земјата се влошува, исто е или се подобрува?“ 52 отсто одговориле дека се влошува, а 16 дека се подобрува. Гледано по партии, дури 81 процент од гласачите на ВМРО-ДПМНЕ велат дека се влошува, а само 4 отсто дека се подобрува. Кај СДСМ, пак, 40 отсто сметаат дека се подобрува, а 31 отсто дека се влошува.




Поддршката за Европската Унија во земјата е намалена и иако 67% од испитаниците би гласале за членство во ЕУ, перцепциите за ЕУ се влошени, а 19% се против членството во ЕУ, процент кој во 2018 изнесувал 10%.

Поддршката за НАТО останува висока со 63% (64% во 2018), додека противењето на воениот сојуз се зголемило за 9% во однос на 2018, и сега изнесува 24%. Позитивното мислење за Турција, Русија, САД и Кина е зголемено во однос на 2018. Граѓаните имаат најдобро мислење за Турција (52%, зголемено од 42% во 2018)) и Русија (48%, кое се зголемило од 32% во 2018). Позитивното мислење за САД (43%) и Кина (38%) е намалено.




Во анкетата се опфатени и прашања за политичките партии, политичарите и гласањето на избори. На прашањето „Ако на избори излегуваат партии, а не коалиции, за која партија би гласале?“, 14 отсто се определиле за ВМРО-ДПМНЕ, 10 отсто за СДСМ, по 5 отсто за ДУИ и за Левица, 4 за Алијанса/Алтернатива.




Кога станува збор за доверба во политичарите, на врвот е Зоран Заев во кого веруваат 8 отсто од анкетираните, па Христијан Мицкоски со 5 отсто доверба, Стево Пендаровски и Димитар Апасиев имаат доверба од 4 отсто, а Зијадин Села и Али Ахмети по 2 отсто. Но, многу високи 50 проценти немаат доверба во никого.




Истражувањето покажува и парадокслани податоци дека 72% од анкетираните преферираат и демократско управување но и владеење со „цврста рака“.

Како главни проблеми граѓаните ги наведуваат економијата/можностите за вработување (37%), како и здравствените услуги/КОВИД-19 (21%) додека недовербата во судството (67%) и јавното обвинителство (63%) и понатаму опстојува на високо ниво.




„Граѓаните немаат доверба во политичарите, а 53% од испитаниците немаат доверба во ’ниту еден политичар’ и очекуваат власта да работи на подобрување на економијата и здравството“, вели Роберт Скот Хејзлет, директор на НДИ во земјава, додавајќи дека „загриженоста за политичката неказнивост и блокираните европски интеграции придонесуваат кон лошите перцепции за иднината на државата и нејзините демократски капацитети.”




Испитаниците остануваат лично загрижени за состојбата со ковид-19. Значајно мнозинство од испитаниците се „многу загрижени“ за пандемијата, а власта доби лоши оценки за рестрикциите и комуникацијата за време на пандемијата, иако граѓаните имаат доверба во владините податоци поврзани со ковид-19.

Граѓаните негативно ја оценија улогата и работата на Парламентот за време на ковид-кризата со високи 52 проценти, но и работата на опозицијата. 26 отсто велат дека опозицијата не понудила алтернативни решенија, а 24 отсто не слушнале ништо од опозицијата.




Во однос на вакцините за ковид-19, на прашањето „Зошто не би примиле вакцина“ дури 49 отсто рекле дека немаат доверба во ефикасноста на вакцините.

На прашањата за работата на медиумите, 87% од испитаниците веруваат дека во медиумите се шират и дезинформации, 68% од испитаниците им веруваат на социјалните мрежи, а се информираат преку пријателите, семејството и колегите.

Фејсбук, Инстаграм и Јутјуб се доминантните платформи преку кои граѓаните се информираат, но испитаниците преферираат да дискутираат за политика и вести лице во лице, а не во интернет просторот.




Сепак, граѓаните најмногу се информираат од телевизиите-76 проценти, па од социјалните мрежи-36 отстo, онлајн медиумите-26 отсто…

Ова истражување е нарачано од НДИ, а спроведено во Макеоднија од страна на ИПСОС во март и април 2021, на репрезентативен примерок од 2410 испитаници, со маргина на грешка +/- 2%, преку CAPI и CAWI телефонски и интернет анкети.

Извор: мкд.мк

Previous article„Не ми зборај глупости, од швепсот ми е!“ Докторка од Брза Помош раскажа како и изгледа една смена на работа
Next articleВисоки казни за угостителите, доколку некој седи во објект без сертификат за имунизација