Home Live Фросина Ременски проговори за своето детство: Живеев и се школував со шнајдерската...

Фросина Ременски проговори за своето детство: Живеев и се школував со шнајдерската игла на татко ми

Статус на Фросина Ременски: „Шнајдерско дете… Стечајско дете…




И денес како и пред 25 години се зборува за шнајдерските деца и децата на стечајните работници кои заради алчни газди, префригана политика и мирољубив народ останаа на улица, со тужби во рацете, горчини во душите од тие кои полнеа џебови од туѓа пот и мака.




Тоа е мојата генерација која памети четири-пет збора од тоа време и денес на таа ајдучка политика – стабилизација, приватизација, транзиција, асоцијација, инфлација …
Работници на улица, фамилии без леб, успешни ученици, деца ни таму – ни ваму.




Го живеевме тоа време – патила кое вродија бунтовништо и карактер против секаква и сечија неправда и упорност да се докаже и покаже дека се може со чесност, труд и мака.
Лажни стечаи, факсификати, измами, присилби за продавање на акции на олигархијата во подем, купени судии и подготвени терени за пинг-понг правда за работникот кој чекаше и се надеваше на подобро утре и голташе предизборни верувања на средби со челници …, до утре, до некои следни избори.




Ја живеев таа стечајско-шнајдерска судбина како средношколец и студент. Заедно со многу деца – мои колеги кои крпеа студентски “буџет”, за да не им зададат маки на и така измачените родители.




Доживеав да се борам и да се изборам неколку илјади стечајни работници да земат минимална пензија за нивниот 25-30 годишен стаж – за тие кои останаа живи. Колку за лекови и огрев. Храна …, се може со малку така викаат.
Се накотија олигарси и газди, а тоа што беше општествено (титово) преку ноќ стана “нивно”.




Се даваат милионски гаранции без да се праша како и кога се спечалени. Голобради “градски” деца трошат и се потсмеваат на “провинцијализмот” и скромноста на работничките деца – на оние кои знаат и со малку да живеат и да продолжат да се борат и да веруваат…

Живеев и се школував со шнајдерската игла на татко ми – игла која нижеше надеж, љубов и верба.




Нема дете кое не знае да го цени и вреднува тој труд и мака.
И денес, шнајдерските деца од штипско, паланечко и од други градови ги чекаат со часови нивните мајки и татковци кои боцкаат, шијат и пеглаат за да донесат леб и да платат школарина за децата кои учат за да не работат и да не живеат тука – во земја на префригани политичари и платени олигархиски кукли. Никој повеќе не може да ги лаже и излаже тие деца. Никој!




Има и такви кои не се предаваат во битката против трудовата перверзија во која децата на ајдуците од стечаите и измамите делат “памет, правда и политика” – татини и мамини деца ..
Средна класа (?)…




Да, кога децата на олигархијата ќе се раздолжат на децата на работникот, за она што им било откраднето од нивно детство – можноста и семејниот спокој; кога наместо џепарац во висина на минимална пензија ќе прехрануваат семејства и ќе школуваат деца.




Утопија? Можеби, но не за долго. Ќе дојде и тој ден. Незаборавот и правдољубието е лекот за сите неправди и украдени можности и животи. Ќе се видиме во иднината – ние и вие!“

Previous articleБитолскиот професор Дејан Трајковски: Испаѓа дека Шеќеринска беше во право
Next articleД-р Кон: Оние кои не сакаат да се имунизираат, се одлучиле за вирусот