Home Live Боки Бургија ја раскажа приказната за забранетата љубов меѓу Вилма и Мишко

Боки Бургија ја раскажа приказната за забранетата љубов меѓу Вилма и Мишко

Борче Трајковски, одличен раскажувач и писател, на својот профил на социјалните мрежи, како што само тој знае, ја пренесе приказната за двајца млади скопјани, кои на почетокот од својата врска се соочлувале со отпор на родителите:




„Вилма и Мишко Марковски – “Шери куп“ Скопје/Белград
Тоа попладне на масата каде седев во тенискиот клуб АБЦ, ми пријдоа сопствениците Кочо и Шош. Веднаш забележав дека имаат нешто сериозно да ми пренесат..

Љубезно ми рекоа дали ќе може на кратко да седнеме на страна, за да ми пренесат нешто. Се извинив на луѓето со кои седев, станав и заминав на нивната маса. Седнавме, а Шош веднаш го почна муабетот.




Боки, со наведната глава рече, Вилма избегала за Мишко, татко и Коста ќе побудали, ќе збесне ако веќе не е збеснат, а знаеме дека тебе исклучително те почитува и сакаме да помогнеме во ситуацијава колку можеме за да ја ублажиме неоправданата болка кај Коста, кај таткото на Вилма.

Дали се согласуваш вечерва да дојдеш со нас, да го посетиме Коста дома, и да се обидеме да го оправдаме потегот на Вилма, да се обидеме кај Коста да укажеме дека скепсата не му е оправдана, дека ете, се родила љубов и дека станува збор за двајца полнолетни луѓе кои решиле на овој начин да основаат брачна заедница, и дека тука нема ништо лошо, ниту за Вилма ниту за Мишко, напротив.




Прво се израдував, затоа што веќе добро ги познавав двајцата. Се согласив. Го договоривме терминот кога ќе го посетиме таткото на Вилма во неговиот дом, станав и се вратив на моето место…

Вилма, поранешна талентирана тенисерка, сега дипломиран електро инжењер, борејќи се да си го најде местото во транзициска Македонија, таа 1994 година, во тенискиот клуб АБЦ работеше како келнерка.




Во другото време, или, меѓупротстор, беше дел од екипата надежни млади инжењери кои го уредуваа првото печатено издание наменето за таа фела, а и за пошироката јавност, мислам дека се викаше “Емитер“, преку кој сакаа да ги пренесуваат секавичните промени во таа област во светот, споделувајќи ги со сите останати во Македонија. Вилма, заради својата питомост, заради ѕвездата на стапчето на самовилата од бајките, брзо, многу брзо стана заштитен симбол на тенискиот клуб АБЦ.




Мила, пријатна, блага, мека, кротка, и постојано насмеана, скромна а темперемантна, брза и исполнителна. Немаше човек кој бил послужен од инжењерката Вилма во ТК АБЦ, а веднаш да не му станела симпатија во сакоја смисла на зборот. И другарска, и пријателска, и татковска, и родителска.

Вилма во тој период го исполнуваше АБЦ со посебна светлина, и најблагопријатно го попрскуваше со љубов и искреност. Да ти е мерак да те послужи, да се стопиш пред милоста и нејзината кроткост. Не можеш да не ја засакаш. Цк…




Мишко, за разлика од Вилма, скопјани го завиткуваа во различни скопски приказни, рекла кажала муабети, афери, девијантности и таканатаму, и се обидуваа од Мишко да направат негативец.

Секојдневно се соочував со вакви “добронамерни“ совети од најразлични луѓе со кои се сретнував во тој период, заради тоа што моите вложувања во тенисот последните две години ги усмерив кон него, кон Мишко Марковски.




Поранешен тенисер, мулти спортист во секоја смисла на зборот, ама после неуспешните обиди да влезе во тениската тренерска фела во странство, ете, тие години, се вратил овде да ги споделува неговите уки и поуки во тој спорт на нашите деца.

Сета доверба ја положив во него, иако претходно има пријатни а богами и непријатрни искуства со други мкд тениски тренери. Неисе, не им обрнував внимание на муабетите, туку го снимав Мишко со мојот апарат, со мојата камера, со моето чувство за осечај и сенс за карактерот на момчаков.




Се’, ама буквално се’ што стекнав во тој неколкугодишен ама секојдневен контакт со Мишко, немаше благе везе со сите оние интригашки муабети кои сакаа да ми ги пренесат каобожемски подобрите познавачи на момчаков. Мишко, и тогаш и сега, иако се немаме сретнато многу години, е врвен тениски тренер, инструктор, тактичар, мудар, проценувач, и оноа најголемото и најважното, лојален, и искрен ЧОВЕК.




Еднаш ЧОВЕК. Мишко Марковски е човекот кој треба да се слуша кога родителите се подготвуваат да инвестираат во своите деца, затоа што тие, односно ние, како родители, во своите гледаме секогаш повеќе од тоа што треба да го видиме, и во трката за Роланд Гарос и Вимблдон подготвени сме да ги вложиме сите средства и имоти.




Мишко, секогаш ќе ви ја каже вистината за тоа што можете да очекувате, и секако, онаа вистина во која се вели дека во вашето дете има талент ама за да ги достигне врвовите ќе треба да го направите ова, па тоа, па оноа, па пак ова, па тоа и оноа ама на погорната скала, и да се молите во меѓувреме да не закачи повреда, и пак сето тоа да не ви биде гаранција за успех. Мишко, и тогаш и сега кај мене го носи ореолот на сериозен момчак, другарчина, стабилен, посветен и достоинствен…

 

Кога ја слушнав веста дека Вилма заминала со Мишко, и дека таткото на Вилма, Коста, се противел на таа врска, едвај го чекав саатот да појдеме со Кочо и Шош кај Коста, за да го направиме своето…

Бевме удостоени со љубезен прием, иако, Кочо и Шош додека одевме натаму знаеја да ми напоменат да не бидам изненаден ако Коста не не’ удостои со покана да влеземе внатре.

Се обидувале пред нас и други, и први и трети ама, џабе. Коста си стоел на својот збор. Не можам да речам дека на тој муабет се случи нешто значајно, дека сме го омекнале, дека сме влијаеле кај Коста да ја смени сликата за Мишко, дека заради тоа ја прифатил врската…

Нашите муабети велеа дека во прашање е голема љубов на ќерка му Вилма кон Мишко, но, и тоа, дека Мишко на истата ќе знае да возврати со сиот потенцијал на човечност што го поседуваше. Од таму заминавме без очекувања, без оптимизам.

Излеговме повеќе разочарани, но, не охрабруваше гестот дека Коста, сепак, иако однапред знаеше за што доаѓаме, дека целта ќе ни биде да го убедуваме да ја прифати таа врска, не’ прими во неговиот дом и не’ сослуша…

Денес, Вилма и Мишко Марковски имаат три прекрасни деца, арсланчиња, а сите три заедоно со Вилма ме удостоија со посета на последната промоција на “Скопје тенкју 2“ и “Подемот и падот“, на Зелената тераса на ГТЦ, а тоа што нивниот “Шери клуб“, тениски центар за едукација на деца и младинци веќе граби кон престижот најдобар помеѓу најдобрите во таа спортска класа, уште повеќе ме радува на тогашните мои констатации, дека Вилма и Мишко се пар за почит.

Сега, семејство за голема почит. На сите им посакувам добро здравје, долг живот и што повеќе тенисери и тенисерки излезени на светската сцена од нивниот “Шери клуб“, и овде во Скопје и оној во Белград. И сосема на крај една порака до сите родители кои ги зачленуваат децата во овој тенискиот центар “Шери клуб“ на Вилма и Мишко Марковски, вика вака:

Децата препуштени на одговорност на овие луѓе ве ослободува од секаква грижа затоа што истите не само што ќе станат вистински спортисти, туку ќе бидат воспитани во духот на другарството и меѓусебната почит, ќе бидат на патот да станат ЧОВЕВЦИ, баш какви се Вилма и Мишко Марковски. И нивните деца, разбира се… Тенкју…

Previous articleТАВ, концесионерот на аеродромите со најново известување за патниците
Next articleМетеорологот Славчо Поповски предупредува: Доаѓа невреме кон Македонија