Home News Д-р Стевановиќ од Инфективна објасни колку се возрасни имунизираните кои завршуваат на...

Д-р Стевановиќ од Инфективна објасни колку се возрасни имунизираните кои завршуваат на клиника

Клиниките во последните неколку дена се наполнија и тоа не само во главниот град, туку и во Тетово, Гостивар, Кичево, Струга.




Ова пред сè се должи на правењето свадбени веселби во овие летни месеци, но и поради туристичките раздвижувања. Се чини дека Делта сојот излезе потежок и позаразен од што се очекуваше.

За тоа каква е клиничка слика со хоспитализираните пациенти со ковид-19 во моментов на Инфективната клиника во Скопје, кои се симптомите на вакцинираните и на невакцинираните пациенти, како и за тоа како се лекуваат, за Плусинфо одговорите ги даде директорката д-р Милена Стевановиќ.




Таа вели дека пациентите примени на Клиниката за инфективни болест во најголем број се многу тешко болни или средно тешко болни, лица кои имаат јасни предиспозиции за влошување на болеста, како и дека станува збор за претежно невакцинирани лица.

Директорката посочува дека нема разлика во симптомите кај вакцинираните и кај невакцинираните заболени и дека тие се исти во споредба со претходните три ковид бранови кои ја зафатија нашата земја.




– Симптомите се исти. Болеста започнува со зголемување на температурата и таа се движи од 37,4 степени, но некогаш достигнува и до 40 степени.

Се јавува малаксаност, главоболка, болки во коските и во мускулите, болка во грлото, кашлица, отежнато дишење, проливи и повраќање. Се разбира, овие симптоми се јавуваат различно, не сите кај еден пациент.




Симптомите се со различна јачина и времетраење. Никогаш не можете да знаете кој симптом кај кого ќе се развие, колку ќе биде интензивен и колку време ќе трае и какви дополнителни компликации ќе се појават – вели д-р Стевановиќ.

Таа додава дека главната разлика помеѓу вакцинираните пациенти и невакцинираните пациенти е пред сè во интензитетот на симптомите и во појавата на евентуални компликации.




Со оглед на тоа што досегашните студии велат дека вакцинираните заболени имаат полесна клиничка слика, поради тоа кај нив се менува и начинот на лекување.

– Најчесто пациентите кои биле претходно вакцинирани имаат лесни клинички слики на настинка кои брзо поминуваат и немаат потреба да бидат лекувани повеќе од симптоматски третман.




Сепак, во зависност од симптомите, процесот на изолација останува ист и кај едните и кај другите – ни објасни директорката на Инфективна.

Д-р Стевановиќ вели дека има и разлика во терапијата со која се лекуваат заболените вакцинирани пациенти и таа зависи од неколку фактори.




– Терапијата која се дава кај болните зависи пред сè од тежината на клиничката слика, компликациите кои се развиени, евентуалните алергии што пациентот може да ги има, интеракциите се терапиите кои редовно ги примаат и така натаму – ни изјави Стевановиќ.




Директорката објаснува како влијаат хроничните болести на развојот на клиничката слика кај лицата кои заболеле од ковид, а се вакцинирани со две дози.

– Хоспитализираните, вакцинирани пациенти се примени пред сè поради интензивно влошување на претходно постоечка болест која има потреба да се лекува, најчесто ковид-19 симптомите се по лесни.




Искуството што ние го имаме е со пациенти кои се сериозно возрасни со повеќе коморбидитети, најчесто тешки срцеви заболувања, невролошки заболувања, како и хронични белодробни или малигни болести – вели Стевановиќ за Плусинфо.




Previous articleЗаев порачува: Тие имаат право на протести, но граѓаните имаат право на здравје
Next articleЛевица на Апасиев му одговори на Латас, но упати прашања и до Јанко Бурек и Јани „Алфа“