Home News Горан „Сакам да кажам“ проговори кој тоа ги прави независните листи за...

Горан „Сакам да кажам“ проговори кој тоа ги прави независните листи за советници

Познатиот колумнист и новинар Горан Михајловски, во својата последна колумна „Сакам да кажам“, меѓудругото пишува:

„…Во СДСМ самите беа шок ирани кога во 2017 година го прегазија ВМРО-ДПМНЕ речиси во сите Општини. Со таа масовна победа, граѓанките и граѓаните кажаа што не сакаат.

Не го сакаа ВМРО-ДПМНЕ со масовниот грабеж од Скопје 2014, со плацевите „за џабалак“ и со урбанистичкото дивеење. Е токму тие граѓанки и граѓани со чија помош СДСМ дојде на власт, а не само со партските следбеници што ги испопикаа и уште ги пикаат во администрацијата, сега ги прават независните листи.

Зошто би им дале глас на тие што рекле дека нема да прават како претходните, а продолжиле да прават?

Сега градоначалниците креваат рамења и викаат, што да правиме, не можеме да смениме. Е како бе, во 2017 година викавте дека можете?

Не е само до смена на урбанистичките планови. И не е само до законите за градење и за легализација на дивоградбите. До политичката волја е.

Четири години СДСМ и ДУИ не покажаа политичка волја да го сменат законот за финансирање на Општините.

Па локалната власт за да преживее мора или да наплаќа комуналии, или да го продава земјиштето, или да ја моли централната власт и лидерот да им фрлаат по некое милионче за да не им се блокира сметката за плати на администрацијата.

Четири години не успеаја да донесат закон за комунална полиција. Ги трошиме скапо обучените полицајци, во целосна снага, здрави, прави, арслани, да лепат казни за погрешно паркирање, наместо тие пари да си ги собира Општината. Толку ли не можевте да соберете 61 глас за таков закон?

А бе, што збориме за закони кои треба да ги гласаат во Собранието, кога локалните власти една обична забрана за дотур на стока во одреден ден од денот не можат да ја спроведат.

Рампа пред пешачка зона која сите сме ја платиле не можат да ја сочуваат. Замислете во кој било град низ Европа да може кога сакаш да паркираш камиони, комбиња пред самопослуги, пред кафеани, да истовараш пива пред основно школо и пред градинка додека децата ти се моткаат зад комбето.

Замислете која било пешачка зона во централно градско подрачје или кеј уреден за пешаци низ кој ти се возат коли, ќе испогазат не дај боже некое дете што се отпуштило од рака на возрасните, оти градоначалникот им дал дозвола затоа што биле директори на приватна компанија.

Тука не можат да ги натераат кафеанџиите да користат специјални контејнери, па ја мешаат помијата со ѓубрето на станарите. Скапо им било на шизичките ресторани да ѝ плаќаат на општината, па газдите им се закануваат дека немало да ги гласаат.

Велосипедски патеки правеле, грмушки саделе, на тротоарите столпчиња ставале, асфалт на улиците менувале за прв пат по којзнае колку години. Па, уште тоа да не го прават.

Тоа ти е како дома да не си чистиш, да не го фрлаш ѓубрето и да не менуваш светилка кога ќе прегори. Со шминка ќе нè залажуваат.

Фино е тоа. И велосипедските патеки и клупите придонесуваат за подобар живот, ама во ниедна општина не видовме обид за квалитетна, темелна промена што ќе донесе хумано живеење.

Уморни сме веќе од нивните „достигнувања“ дека си ја завршиле работата што им е во опис на работно место и за што примаат плата…“

Целата колумна прочитајте ја на сдк.мк

Previous articleМаксим се отвори на Сител: Не, јас не му свртев грб на СДСМ
Next articleСите и честитаат на Ирена Спасовска за нејзината храброст (ФОТО)