Кај нас на сила е забрана за одржување свадби, родендени и други приватни прослави во затворените делови на угостителските објекти.
Како и сите други мерки согласно одлуката од 99-та седница според која за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни задолжително е поседување, приложување и проверка на еден од следните документи:
– Сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примена најмалку прва доза вакцина против заразната болест КОВИД-19 или
– Сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст.
Оваа мерка задолжително се применува и за организација, работа и присуство/учество и на секаков вид на настан на отворен простор, како и за влез во затворениот дел од моловите.
За разлика од кај нас, од 10 септември Данска ги укинува сите рестрикции воведени поради пандемијата од Ковид-19, соопштија тамошните здравствени власти.
– Епидемијата е под контрола, имаме рекордно високо ниво на вакцинација, изјави данскиот министер за здравство Магнус Хеунике.
Данска е држава во која има едно од највисоките нивоа на имунизација во светот. Дури четворица од петмина Данци над 12 години се целосно вакцинирани. Токму ова е причината зошто Владата повеќе не го класифицира корона вирусот како „болест критична за општеството”.
– Владата вети дека нема да ги поддржи овие мерки подолго отколку што е потребно и ние сме сега во таа ситуација. Но, дури и ако моментно изгледа се добро, ние се уште не сме излезени од епидемијата, истакна министерот Хеунике.
Сепак, не е исклучена можноста од повторно воведување рестрикции доколку епидемиолошката состојба во државата повторно се влоши.
Бројот на пациенти во данските болници со Ковид-19 вчера изнесуваше 127. Вкупниот број на смртни случаи од почетокот на пандемијата достигна 2.573 лица.
Се наметнува заклучокот дека е многу лесно да се укинат мерките, кога нивото на имунизираност е со исклучително висока стапка. Едноставно, со приближувањето до колективен имунитет, се доаѓа до ситуација кога вирусот нема каде да се шири.
Ова е добра поука за сите противници на имунизацијата кај нас, како да излеземе од оваа состојба во која трпи и економијата.