Home News ФОКУС ДОЗНАВА: Денес најверојатно ќе биде одлучено Митко Јанчев да ја добие...

ФОКУС ДОЗНАВА: Денес најверојатно ќе биде одлучено Митко Јанчев да ја добие поддршката од ВМРО-ДПМНЕ

Како се наближува почетокот на изборната кампања, партиите го комплетираат списокот на свои кандидати, со кои ќе се претстават пред граѓаните на следните локални избори.

Но покрај партиите, на овие избори ќе има и многу независни кандидати, но и независни листи за советници, кои ќе им конкурираат на партиските.

Своевидно изненадување е што за градот Скопје, ВМРО-ДПМНЕ се уште нема истакнато свој кандидат, а во кулоарите се зборува дека поддршка ќе се даде на независната Данела Арсовска.

Актуелниот градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев, на претстојните локални избори ќе се натпреварува за уште еден мандат како кандидат на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, дознава Фокус.

Јанчев одби да ја коментира оваа информација додека, како што изјави, не биде официјално потврдена на партиските органи.

Неофицијално, тоа се очекува да се случи во текот на денешниот ден, кога, исто така, ВМРО-ДПМНЕ треба да донесе одлука за поддршка на Даниела Арсовска, која пред неколку дена објави независна кандидатура за градоначалник на Скопје. Воедно, опозициската партија треба да потврди решенија и за повеќе други општини.

Инаку, на последните локални избори Јанчев беше еден од неколкумината кандидати на ВМРО-ДПМНЕ кои станаа градоначалници.

Веднаш потоа, тој стана и еден од тројцата потпретседатели на опозициската партија, меѓутоа за кратко време ги наруши односите со партискиот лидер Христијан Мицкоски.

Како што е познато, несогласувањата меѓу нив кулминираа во пресрет на референдумот за уставните измени. Тогаш, Јанчев застапуваше став активно да се учествува во процесот, односно да се излезе на референдумот и да се „против“ Преспанскиот договор, додека Мицкоски беше за бојкот.

На крајот, Јанчев се повлече од партиските функции, но сега повторно ќе биде кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за уште еден градоначалнички мандат.

Во спротивно, тој ќе настапеше како независен кандидат, при што, според анкетите, повторно ќе беше фаворит за победа.

Previous articleДиректорот на Фајзер со лошо предвидување, но и со самоуверен оптимизам
Next articleМакедонците во дијаспората се надеваат дека конечно ќе биде решен нивниот проблем за пасош