Home News Македонците во дијаспората се надеваат дека конечно ќе биде решен нивниот проблем...

Македонците во дијаспората се надеваат дека конечно ќе биде решен нивниот проблем за пасош

Проблемите со патни исправи кои Македонците во дијаспората ги имаат, датираат многу одамна, но се интензивираа последните две години, од појавата на корона вирусот.

Тие сега не можеа да отпатуваат во соседна земја во која конзуларното преставништво можеше да издаде патна исправа, па останаа „заглавени“ во државите во кои живеат и работат.

На овој проблем, особено укажуваше Хелена Роза, која долги години со семејството живее и работи на Нов Зеланд.

Државните власти пред неколку месеци објавија дека ќе донесат акт со кој се продолжува рокот на истечените патни исправи. Тоа и го сторија, но ваквата одлука беше неостварлива на терен, на граничните премини во странските држави.

Но, се чини дека проблемот конечно ќе биде решен. Со поставувањето на базните станици во амбасадите за изработка и достава на пасоши на нашите граѓани што живеат и работат во странство претставниците на нашата дијаспора се стекнуваат со голем бенефити и од аспект на времето потребно за овие активности,

финансиските трошоци поврзани со тоа, а истовремено, ќе добијат готов производ, пасош за временски рок од две до три недели, изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Тој рече дека досегашната постапка за издавање на пасоши просечно траела од четири до пет месеци, а анализа на МНР покажува дека во некои случаи постапката се одолговлекувала и над шест месеци.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, изјави дека со ова ќе се намалат и гужвите на шалтерите на управните служби за време на летните месеци во нашата држава, бидејќи граѓаните истата услуга ќе ја добиваат во нашите конзулати во државите во кои престојуваат.

„Со цел брзо и ефикасно остварување на правата на граѓаните кои живеат надвор од државата, со поставувањето на фиксните базни станици ќе овозможиме прием на барањата за патни исправи во дипломатско-конзуларните претставништва и нивно процесирање на дневна основа, со проверка на податоците во реално време.

И, што е најважно – задоволни граѓани кои ќе имаат подобар пристап до правото да добијат навремено личен документ, кој им е потребен за остварување на правата во државата каде живеат“, рече Спасовски.

МНР има формирано пет тима, составени од вработени во министерството, кои ќе вршат обука и инсталација на базните и мобилните станици во амбасадите и конзулатите на Македонија кои се мапирани дека се со најбројна популација и со најголеми потреби за овие услуги.

Базни станици ќе се инсталираат во Минхен, Бон, Берлин, Брисел, Берн, Виена, Љубљана, Венеција, Лондон, Стокхолм, Њујорк, Чикаго, Торонто и Мелбурн. Инсталирањето на базните и мобилните станици се планира да заврши до крајот на октомври.

Previous articleФОКУС ДОЗНАВА: Денес најверојатно ќе биде одлучено Митко Јанчев да ја добие поддршката од ВМРО-ДПМНЕ
Next articleМицкоски: Ќе ја поддржиме Данела – 4 години Скопје стагнира