Home News Познати се протоколите за влегување на децата во училиште

Познати се протоколите за влегување на децата во училиште

По едногодишна пауза поради пандемијата со Ковид-19, учениците на 1 септември повторно ќе седнат во училишните клупи. Наставата во сите основни и средни училишта ќе се одвива под строго пропишани протоколи и правила за заштита од Ковид-19.

Во опција не е можноста за одложување на школската година, ниту пак на моделот за онлајн следење на наставата, потврди министерката за образование, Мила Царовска, која со директорите на училиштата разговара за спроведување на мерките за заштита и подготвеноста на училиштата тоа да го овозможат.

На секој ученик кој од 1 септември ќе следи настава со физичко присуство ќе му биде измерена температура пред да влезе во училиштето. Ако таа е повисока од 37, 4 степени тогаш нема да му биде дозволен влез во училиштето.

Истите правила важат и за вработените во училиштето. Во протоколот кој има 38 точки, се наведува дека е забранет секаков физички контакт помеѓу учениците и вработените, а секоја училница и инвентарот треба да се дезинфицира по завршувањето на секоја смена.

„Јасно е пропишана дезинфекција, маски и исто така користењето на училишната сала и училишните мензи. Вентилирањето на самите училници е забрането да се случува со уреди, туку треба да има отворени прозори, отворени врати.

Учениците во текот на одморот може да излезат надвор за да може да ги извадат маските, но со престојот во училница треба да има постојана дезинфекција на површините, постојано дезинфекција на рацете и одржување на маските на лицето во континуитет“, вели Царовска.

Влегување во училиштето е дозволено само со задолжително користење на заштитни маски на лицето за сите вработени и ученици во училиштето.

Наставата во училница ќе се изведува со обезбедено физичко растојание од 1,5 метри помеѓу учениците и наставникот и учениците. Се забрануваат поздравувања со физички контакт за вработените во училиштето и меѓу учениците.

Ако ученик развие симптоми на Ковид-19 додека е во училиште, наставникот го изолира ученикот во посебна просторија со задолжително носење на заштитна маска и веднаш ги известува родителите, кои пак во најкраток временски период треба да го земат детето со цел консултација и натамошни активности со матичниот лекар на ученикот.

Доколку се потврди дека ученик е заболен од Ковид-19, се известува епидемиолошката служба во Центарот за јавно здравје кој итно треба да направи анкета со наставниците и учениците за проценка на степенот на ризик врз основа на контактите кои ги имале.

За учениците кои се позитивни на Ковид-19 или се во самоизoлација, наставата може да се реализира преку учење од далечина.

Доколку епидемиолошката ситуација се промени и се забележува повторно ширење на вирусот, може да се донесе одлука да се одвива со учење од далечина.

Previous articleОва е сестрата на убавата Зоне Замфироа, поубава ли е од Катарина? (ФОТО)
Next articleПо официјалната поддршка од ВМРО, се огласи Митко Јанчев