Home News Кој е Христо Кондовски, кандидатот за нов градоначалник на Битола

Кој е Христо Кондовски, кандидатот за нов градоначалник на Битола

Бизнисменот од областа на осигурувањето Христо Кондовски ќе биде новиот кандидат за градоначалник на СДСМ во Битола за престојните локални избори.

Како што рече министерот и генерален секретар на СДСМ Љупчо Николовски на денешната прес конференција, „Кондовски води на сите можни анкети направени изминатите месеци во градот“.

Кондовски е еден од сопствениците на СН Осигурителен брокер Битола, како и акционер во повеќе друштва. Оваа компанија помогна во опремувањето на неколку вакцинални пунктови, меѓу кои и оној во Битола, а додели и спонзорство од половина милион денари на фудбалскиот клуб „Пелистер“ за да ги надмине финансиските проблеми..

Актуелната градоначалничка Наташа Петровска не успеа да се избори за втор мандат, иако до партијата имаше поднесено кандидатура.

Како градоначалничка ги врати долговите на Општината, ја наполни општинста каса, го реставрира Офицерскиот дом, а во тек е реконструкција на повеќе улици низ Битола.

На претходните локални избори во 2017, СДСМ со Петровска успеа да освои историска победа добивајќи градоначалник уште во првиот круг со освоени рекордни 31.337 гласови, а претходно никогаш немало кандидат со добиени повеќе од 30.000 гласови.

Инаку порталот Фактор, уште во јуни оваа година, извести дека има информација од свои извори, дека токму Кондовски ќе биде идниот кадидат за градоначалник на владеачката партија.

Притоа, тие објаснија за каков профил на човек се работи.

Христо Кондовски, еден од најпознатите бизнисмени во Битола е во потесниот круг на СДСМ за избор на кандидат за градоначалник на градот, дознава Фактор од свои извори. Нашите соговорници коментираат дека ако се случи ова, ќе значи дека СДСМ за Битола одлучила да игра на сигурна карта, затоа што Кондовски во градот го сметаат за бизнис икона.

Кондовски е млад бизнисмен, потекнува од познато интелектуално семејство, а неговиот татко Димче Кондовски е долгогодишен инспектор во Управата за јавни приходи. Христо Кондовски бизнисот го започнува веднаш по дипломирањето во врвот на својата класа на Економскиот факултет-Прилеп при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола.

Негов најголем интерес е осигурувањето, па почнал како агент за осигурување во осигурителното друштво “Вардар осигурување” (подоцна Триглав Осигурување) Скопје каде метриката на неговиот учинок веднаш го позиционира како најуспешен осигурителен агент именуван за Главен агент за големи клиенти.

Веќе докажаниот осигурителен професионалец во 2014 година заедно со Зоран Пејчиновски во соработка со веќе афирмирани деловни луѓе од земјава го основа денес најголемото осигурително брокерско друштво во земјава, СН Осигурителен брокер АД Битола. Тој всушност е моторот на развојната компонента на друштвото но и врз себе ја носи личната обврска за следење и унапредување на човечките ресурси.

Во 2017 година своето искуство и знаење и неуморен претприемачки креативен дух го имплементира како косопственик на Финансиско друштво СН Финансии ДОО Битола, СН Менувачница ДОО Битола, СНММ7 Инфо Медиа ДОО Битола, а во 2018 и на СН Сообраќаен центар ДОО Битола, СН Центар за моторни возила ДООЕЛ Битола и СН Центар за угостителство ДООЕЛ Битола. СН Центар е воедно и најголема приватна инвестиција во битолскиот регион во последните 15 години која е по инцијатива на Христо Кондовски.

Како претседател на Надзорен одбор се јавува во Финансиско друштво СН Финансии ДОО Битола, а како член на орган за управување во СН Менувачница ДОО Битола, СНММ7 Инфо Медиа ДОО Битола, а во 2018 и на СН Сообраќаен центар ДОО Битола, СН Центар за моторни возила ДООЕЛ Битола и СН Центар за угостителство ДООЕЛ Битола. Сопственик е на Задруга за одгледување на лешници од 2016 година, а како основач, а воедно е и сопственик на Друштвото за кредитно посредување ДКПСН ДОО Битола.

Во 2020 е коосновач и сопственик на Друштвото за управување со инвестициски фондови СНИФ ДОО Битола, кое управува со приватен инвестициски фонд Архистратиг-М Битола.

Овој инвестициски фонд има низа национални инвестиции. Од март 2021 година со одлука на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се станува член на работна група за воспоставување на концепт за развој на земјоделски осигурителен пул несебично ставајќи се на располагање со своите стручни капацитети на Републиката, напиша во јуни оваа година порталот Фактор.

Previous articleЕУ стави забрана, но не за сите: Имунизираните можат слободно да патуваат, вели Филипче
Next articleТукушто се огласи Костадин со силна порака за Струмичани: Моја Струмицо, уште во прв круг ќе победиме