Home News Најчевска објави што напишала пред многу години за нејзиниот другар, тогаш иден,...

Најчевска објави што напишала пред многу години за нејзиниот другар, тогаш иден, а сега денешен политичар

Статус на Мирјана Најчевска: Го напишав пред многу години. Како вчера да сум го напишала. Или денес.

Мојот другар тогаш иден, а сега денешен политичар Не го бев видела со години. Имав слушнато дека фатил некој бизнис и добро му оди, а во последно време почнува и политички да се ангажира. Ми беше мило да видам стар школски другар, а во ова пеколно време, понуден превоз до дома во разладена кола не се одбива.

Уште не бев ни седнала, а колата јурна напред со огромна брзина по скопските улици. Со напор успеав да го избалансирам вртењето на лево под прав агол и да го закопчам сигурносниот појас, кога дојде вообичаеното прашање: Ќе не биде ли?

Никогаш не сум сигурна што треба да одговорам на ова прашање. Дали ќе постоиме како Македонци? Дали ќе ја изградиме како што треба државата? Дали ќе направиме нешто со себе како народ? Дали ќе влеземе во ЕУ? А, и не сум баш најсигурна кои сме тоа ние што треба да не биде: народ, позиција, опозиција,…

За среќа овој пат, прашањето беше само реторичко, бидејќи другарот имаше многу јасна идеја за тоа дали ќе не биде или не (на кого и да се однесуваше тоа). Со задоволство ми соопшти: Нема да не биде. Ни 100 години не ни се доста да влеземе во ЕУ. Не сме ние за таму. Ни фалат ред и организација..

Во тој момент пројуривме на црвено светло успешно избегнувајќи го ударот на еден постар господин кој крајно невнимателно преоѓаше на пешачкиот премин обидувајќи се по секоја цена да дојде на другата страна од улицата.

Понекогаш се прашувам од каде им е на луѓето толкава храброст и решеност да тргнат да преоѓаат преку улица.
Со овој и ваков народ не се гради држава, ми соопшти другарот, меѓу две пцовки што ги разменуваше со возачот на соседната кола на која претходно и го пресече патот.

Изгледа доби впечаток дека возачот на другиот автомобил не посветува должно внимание на неговите зборови, па излезе од колата и му врза две едукативни шлаканици. Луѓето немаат базична култура, ми објасни откако ја заврши тирадата за менталните капацитети на соговорникот, интимниот живот на неговата мајка и неговата сексуална ориентација. Некултурни, себични, без домашно воспитание, потенцираше. Младиве генерации се уште полоши – немаат идеја што ќе прават во животот, не почитуваат базични вредности.

Во тој момент две бабички со неверојатна виртуозност го избегнаа ударот на неговата кола и отскокнаа на тротоарот, меѓутоа тој успеа малку да ја чалне третата која прилично неспретно се сплетка на бастунот.

Нема ред, никој не ги почитува законите, хаос! Човекот просто се зацрвени од внатрешниот праведен бес кој го обзеде на помислата на општеството во кое мора да живее. Не се знае кој јаде кој плаќа, а трпи народецов наш кутар. Ама кому му е гајле.

Потполно го игнориравме полицаецот кој смешно мавташе со рацете и покажуваше на неколку живописни знаци на кои имаше многу жолта, црвена и црна боја. Возачите кои доаѓаа од спротивна страна паѓаа во бесознание од свирење.
Како да ги научиме овие наши неписмени луѓе на ред?

Во неговиот поглед полн со исчекување се читаше искрена желба да добие одговор на поставеното прашање. Од неопходноста да одговорам ме спаси ѕвонењето на неговиот мобилен телефон. Во наредните 5 минути му ги објасни на соговорникот на другата страна на линијата стратешките пропусти на Владата во надворешната политика, економијата и развојот на аграрот и ми напиша порака на лист хартија: Тапак, ништо не разбира.

Во меѓувреме успеавме да истуркаме од патот двајца велосипедисти на кои од крајно непознати причини им текнало да возат по улицата, а на една мајка и одржавме лекција дека не смее да го пушта детето да преминува само на пешачки премин кога е запалено зелено светло.

Ќе дојде ли еднаш нашето време? Длабоко воздивна другар ми. Ако нешто не поднесувам тоа е кога оние кои го држат воланот на државата во свои раце го злоупотребуваат против народот. Цело време повторувам дека секој од нас треба да си го преземе својот дел од одговорноста. Крајно време е да ги земеме работите во свои раце и да внесеме ред во ова безредие.

Мојот другар револтирано ја заобиколи наплатната рампа на паркингот и со заглушувачко чкрипење на гумите застана пред мојата куќа. Вродениот нагон за самоодржување ја спаси комшиската мачка која стоеше на тротоарот. Таа во последен момент успеа да го избегне десниот браник.

Двата гулаби во близина не успеаја. Крајно внимателно го паркираше автомобилот на тревникот водејќи сметка со задниот дел потполно да ја блокира пешачката патека, и отиде на пет минути во кино. На разделба само депримирано одмавна со главата.

Сигурна сум дека другар ми далеку ќе дотурка во политиката (независно од тоа на која политичка партија на позиција или во опозиција припаѓа). На власта секогаш и се потребни луѓе со визија и цврсти принципи.“

Previous articleПроф. Трајковски: Огромен дел од оние кои од болница излегле живи, животот му го должат на имунизација
Next articleД-р Јанковиќ со јасна порака за оние кои примиле Синофарм и се постари од 50 години – третата доза да биде Фајзер