Home News Проф. Трајковски: Огромен дел од оние кои од болница излегле живи, животот...

Проф. Трајковски: Огромен дел од оние кои од болница излегле живи, животот му го должат на имунизација

Битолскиот професор по Механика, Дејан Трајковски, кој се занимава со анализи на актуелните кови бројки, вчера изнесе интерени факти за овој најнов бран:

„31.08.2021. Веќе се формира и врвот на бројот на смртни случаи, тоа е жолтата линија на првиот дијаграм. Денешниот рекорден број на починати е резултат на високиот број на дијагностицирани (1.250) минатата недела.

Патем кажано, врз основа на вчера пресметаното средно време од дијагностицирањето до смртниот исход (7 дена), сега можеме поточно да ја пресметаме средната стапка на леталитет во четвртиот бран (летниот бран на Делта сојот) и истата изнесува околу 3,08% (450 починати од 14.615 дијагностицирани 7 дена претходно).

Вака работите доаѓаат на своето место, односно сепак, благодарение на вакцините (колку и да се вакцинирало слабо во северозападна Македонија), леталитетот е намален од претходниот просек од 3,52%.

Можело да биде и многу подобро, ако се вакцинирале повеќе, но што е – тука е, барем населението да извлече поука за есенскиот бран, додека сé уште има време за вакцинирање.

Кај хоспитализациите (сината линија на вториот дијаграм) дефинитивно гледаме заостанување, односно очигледно е дека настапило преполнување на болниците во северозападна Македонија.

Во пролетниот бран заситувањето настапило при околу 1.800 хоспитализирани на ниво на цела држава, но сега тоа се случило само во дел од државата, при околу 1.150 хоспитализирани.

Ова заостанување се гледа како одлепување на сината линија од црвената (хоспитализираните во однос на активните, преку една нормална стапка на хоспитализација од 11%, што важела до пред две недели). Сега стапката на хоспитализираност е 8%, многу помала е отколку она што ја имавме на почетокот на бранот.

Ова дефинитивно нема врска со вакцинираноста, бидејќи ако било така, сината линија би била пониска цело време од црвената, но не е така. Место во болниците имало додека имало, а потоа настапило заситување, бројот на активни продолжил стрмо да расте, а бројот на хоспитализирани не можел повеќе да го следи.

Понатаму, ова значи дека во извештаите на ДЗС по 3 месеци одново ќе гледаме необјаснета одвишна смртност, која се должи на нерегистрираните починати во домашни услови. За среќа бранот на новозаразување стрмо ќе опаѓа, па нема да има големо натрупување на одвишна необјаснета см ртност како во претходните бранови (тоа се оние површини помеѓу сината и црвената линија). Барем во овој летен бран, а за наесен ќе видиме, особено имајќи предвид дека во есента ќе влеземе со прилично пополнети болници.

Да видиме сега една кратка пресметка што би било доколку сите би биле вакцинирани, а не само сегашните 55,8% кај постарите од 60 години (со две дози и поминати 14 дена), колку што имавме минатата недела.

За пример ќе ја земеме само неделата од 20.08 до 26.08.2021, бидејќи стапката на вакцинираност се менува. Во таа недела имавме приближно 154.300 вакцинирани и 140.200 невакцинирани постари од 60 години, сметајќи со 1.800.000 жители и познатата старосна структура на населението и стапките на вакцинираност кај постарите.

Во таа недела меѓу починатите имало 21 вакциниран и 145 невакцинирани, откаде ги пресметавме дневните инциденци од 19, односно 148 починати на милион постари жители дневно. Соодносот на ризици изнесува RR = 19/148 = 0,132, а ефективноста против смртен исход VE = 1-RR = 0,868 = 86,8%.

Доколку сите 140.200 невакцинирани биле вакцинирани, при ефективност против смртен исход од 86,7% (односно сооднос RR=0,132), тогаш во таа група наместо 145 би умреле само 19, што заедно со споменатите 21 починати вакцинирани би било вкупно 40 починати.

Да заклучиме, во однос на минатонеделните 21+145=166 починати, доколку сите биле вакцинирани бројот на починати би бил само околу 40.

Можеме да направиме уште една пресметка, што би било ако немало вакцинирани, онаа прва група од 154.300 постари. Во тој случај, од нив наместо 21 би починале 159 лица, што заедно со останатите 145 невакцинирани би било вкупно 304 лица!

Да заклучиме, доколку никој не бил вакциниран минатата недела би починале 304, доколку сите биле вакцинирани би починале 40. Тоа би било намалување од 86,7%, колку што изнесуваше ефективноста против смртен исход минатата недела.

Вака, со делумна вакцинираност починале 166, некаде на средина од тој интервал помеѓу 40 и 304.

Голем број од вакцинираните коишто влегле во болниците и излегле живи (разликата од 21 до 159, односно 138 лица) животот и го должат на вакцината. Од оние 145 невакцинирани, ако се вакцинирале би умреле само 19, односно би биле спасени 126, но одлуката да не се вакцинираат ги чинела живот.

Previous articleЃорѓи Спасов проговори за Горан Герасимовски, кандидатот за градоначалник на Центар
Next articleНајчевска објави што напишала пред многу години за нејзиниот другар, тогаш иден, а сега денешен политичар