Премиерот Зоран Заев во одговор на новинарско прашање за се позачестената употреба од страна на политичарите на кратенката за името на државата „Република С.Македонија“, вели да се користи уставното име Република Северна Македонија.
– Делумно ова прашање е преокупација на сите нас во секојдневните работи во коишто работиме. И прво, нашата држава се вика Република Северна Македонија, не е Република С Македонија и тоа е прво понижување кон државата и Уставот на државата.
Секако и Преспанскиот договор што прерасна со Закон со ратификација во Собранието, но кај нас тоа е преточено во Устав.
Да не го почитувате Уставот на државата и името на својата земја – јас можам да разберам дека некој не се согласува со ваквиот процес и слично, но сите се согласуваме со демократијата.
И демократијата вели тоа е новиот Устав што е изгласан со двотретинско мнозинство заради идните перспективи на децата, на младите, на нашите интеграции во НАТО и ЕУ и државата кон уставното име на државата, кажува за секој
поединец каков е всушност, рече Заев одговарајќи на новинарски прашања на промовирањето на паралелката фармацевтски техничар во средното медицинско училиште во Скопје „Панче Караѓозов“.
На ова, во свој статус на социјалните мрежи, одговори професорката Мирјана Најчевска:
„Зошто да не може РС Македонија? Што има тука понижувачко и погрешно?
Во официјалната кореспонденција на државните органи треба да стои Република Северна Македонија.
Во неформалната може и Северна Македонија и РС Македонија.
Во личната кореспонденција може и само Македонија. Не може само Република или само Северна или Република Северна бидејки ја нема основната определба Македонија.
Исто како што во време на социјализмот беше Социјалистичка Република Македонија.
Бесмислено би било да стои Социјалистичка Република. Така? Меѓутоа СР Македонија? Зошто да не?“