Home News Трифун: Одењето на госпоѓа Шекеринска од СДСМ може да значи и исчезнување...

Трифун: Одењето на госпоѓа Шекеринска од СДСМ може да значи и исчезнување на оваа партија, доколку не се спроведат реформи

Радмила Шекеринска, објави дека нема да биде дел од новата Влада, по повлекувањето на актуелниот премиер Зоран Заев од позицијата.

Шекеринска потсети дека пред осум месеци се повлекла од функцијата заменик-претседател на СДСМ бидејќи, како што рече, не се согласувала со дел од политиките. Во тие политики, оцени Шекеринска, лежи и главната причина за поразот на локалните избори. Во тој поглед, таа не очекува работите да се сменат.

„За жал, мојот впечаток е дека тие лекции не ги научивме и дека некои од пораките на јавноста не ги чувме или не ги разбравме“, рече министерката.

„Затоа мислам дека единствената чесна и принципиелна одлука е да не учествувам во следната Влада“, подвлече таа.

Според Шекеринска, во изминатите 4.5 години таа и другите нејзини колеги ѝ служеле на државата, а таа лично, како министерка за одбрана, се оддолжила за големата доверба добиена од граѓаните – како со членство во НАТО и најбрзата воена интеграција од страна на која било кандидатка членка на Алијансата, така и со апсолутно променета ситуација во нашата Армија, што за неа лично, како што рече, било апсолутно важно.

Поранешниот градоначалник на Скопје, бизнисменот Трифун Костовски, на својот профил на социјалните мрежи, го прокоментира повлекувањето на Радмила Шекеринска:

„Најавата на госпоѓата Шекеринска дека нема да учествува во новиот владин кабинет за мене е очекуван потез, дури се прашувам, зошто толку време посвети да биде дел од Владата на Заев?

Евидентни беа недоразбирањата меѓу Заев и Шекеринска веднаш после изборот на господинот Заев за Претседател на СДСМ, бидејќи токму преку госпоѓата Шекеринска успеа да ги изгони од партијата квалитетните кадри, кои со години наназад беа присутни во самата партија и во Владата на Република Македонија.

Честитки за нејзиниот успех што Македонија ја внесе во НАТО на многу брз и посветен начин.

Од друга страна чувствувам дека има грижа на совест, бидејќи партијата СДСМ во раните 90-ти години, па и во првите 10 години од овој век, беше препознатлива, со еминентни интелектуалци и луѓе кои во себе имаа инкорпорирано знаење, искуство и енергија.

Денес СДСМ е непрепознатлива, говорам од кадровски аспект. Каква ќе биде иднината на денешната СДСМ многу ќе зависи од првите луѓе во чии раце им е доверена оваа партија.

Заклучувам едно: ако во раните 90-ти години партијата СДСМ ја красеа интелектуалци, а партијата ВМРО-ДПМНЕ луѓе од средна класа со чисто национално чувство Македонец, денес е воочлива големата разлика на интелектуален план на овие две партии. ВМРО-ДПМНЕ го красат интелектуалци со врвни квалитети и со чисто национално чувство Македонци.

Додека во СДСМ за жал се чувствува недостиг од врвен интелектуален карактер. Не сакам да бидам погрешно разбран дека интелектуалниот дел е најбитниот дел во партијата.

Многу е битна синергијата меѓу сите членови на партијата кои идеолошки припаѓаат на таа матрица и кога на врвот на таа партија имате луѓе со интегритет.

Самиот чин на одењето на госпоѓа Шекеринска од Извршната власт, говори дека се потребни силни реформи во самата СДСМ, зошто во спротивно може да се случи нејзино исчезнување“, вели Трифун Костовски во својот статус на социјалните мрежи.

Previous articleЖестоко се расправавме- сопругата на Мирослав Илиќ ја кажа вистината
Next articleКоментирајќи го сведоштвото на Груевски, читателка раскажа како мајор и капетан упаднале во Радио Валандово