Home News Доскорешната „десна рака“ на Љубчо Георгиевски ќе стане директор на едно градско...

Доскорешната „десна рака“ на Љубчо Георгиевски ќе стане директор на едно градско јавно претпријатие?

Градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска, изминатиот период назначи нови директори на ЈП Лајка, ЈП Дрисла, ЈП Улици и патишта, ЈП ЈСП, јавни претпријатија кои се под директна надлежност на градот Скопје.

Јане Мицевски е нов директор на јавното комунално претпријатие- депонијата „Дрисла“ кој доаѓа на местото на Коста Начевски.

На ЈП „Лајка“ за нов в.д директор е поставен Воислав Димитровски кој ја замени Тина Петрушевска. Димитровски е предлог на здруженијата за заштита на животните, како најдобро решение за претпријатието што извршува дејност од посебен јавен интерес за хуман третман на бездомни кучиња и воспоставување на систем за контрола на популацијата на кучиња.

Иван Илиевски е нов в.д. директор на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП), на местото на досегашниот директор Кристијан Чушков кој е разрешен од функцијата.

Илиевски долги години работи на раководни позиции во Авто Мото Сојуз на Македонија и Македонија Сообраќај Америт.

Во текот на својот професионален ангажман, работи и за развој на Центрите за обука на институции, како сертифициран инструктор на IRU Academy (Академија на Унијата за патен транспорт) за обука на Менаџери на транспортни компании, возачи во меѓународен патен транспорт и транспорт на опасни материи. Илиевски e член и на Советот за безбедност во сообраќајот на патиштата на Град Скопје.

Борис Настов е назначен за нов в.д. директор на ЈП „Улици и патишта“ Скопје откако претходно од директорската позиција беше разрешен Горан Симоновски.

Борис Настов е дипломиран машински инженер со долгогодишно работно искуство на раководни позиции во Гранит АД Скопје, БАУЕР БГ Скопје, ЈП „Комунална хигиена“ Скопје и Министерство за финансии.

Во кулоарите Борис Настов директно се поврзува со поранешниот министер за финансии Зоран Ставревски како негов најблизок соработник додека Ставревски ја извршуваше функцијата министер за финансии.

Неодамна Зоран Ставревски повторно доби партиска функција во ВМРО-ДПМНЕ со што се врати на политичката сцена. И скопската Зоолошка градина доби нов директор. Функцијата в.д. директор на Зоолошката градина во Скопје ја врши Кристијан Стаменов.

Стаменов од 2011 година е вработен во Зоолошката градина во Скопје на работна позиција самостоен ЗОО негувател. Стаменов е дипломиран економист од областа на маркетинг менаџмент.

Покрај Стаменов, Тина Мицковска досега задолжена за односи со јавност на Зоолошката градина во Скопје, од денеска е прв соработник и заменичка на новиот директор на ЗОО.

Градоначалничката Данела Арсовска останува уште да назначи в.д директори на двете најголеми јавни претпријатија ЈП Водовод и Канализација и ЈП Комунална Хигиена.

Со оглед на тоа дека сеуште со овие претпријатија раководат директори од претходната локална власт јасно е дека апетити за директорските фотељи има многу а функцијата е една па Арсовска тактизира или го бара најдоброто решение.

Во моментов со скопски водовод сеуште раководи Душко Весковски кој беше назначен од поранешниот градоначалник Петре Шилегов и ги изгуби последните локални избори за градоначалник на Карпош од Стевче Јакимовски.

Како можен в.д директор на ЈП Водовод и Канализација наголемо се зборува за Ламбе Арнаудов екс директорот на ЕСМ и претседател на ФФМ како наследник на Љубисав Иванов Ѕинго.

Арнаудов последните неколку години и јавен подржувач на политиките на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски истакнувајќи ги јавно своите ставови на телевизиски настапи но и преку колумни.

Инаку Ламбе Арнаудов во последните петнаесеттина години беше „десна рака“ на поранешниот премиер и поранешен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, а сега на ВМРО-Народна, Љубчо Георгиевски.

Ламбе беше исто така член на Народна и не се „двоеше“ од Георгиевски, дури и на секојдневни прошетки низ Скопје. Па така, прилично изненадувачки одекна веста пред некое време, дека одлучил да му сврти грб на Георгиевски и да се врати во ВМРО-ДПМНЕ.

Дали причина за неговата одлука била ветување дека во некоја идна власт на партијата (во моментов на локално ниво), ќе добие функција, останува да се погодува.

Previous articleД-р Пановски: Им викавте на луѓето носете маски на нива, а вадете ги во кафеана и после се чудевте зошто веруваат дека ги прскаат
Next articleФолкерката Сани со шлиц на ветер и фустан што многу открива, Баже Грујовски ужива во погледот (ФОТО)