Home Live „Знаеш ли ти кој сум јас, ќе леташ од работа“, Д-р Нико...

„Знаеш ли ти кој сум јас, ќе леташ од работа“, Д-р Нико Беќаровски проговори со што се соочува на дежурство

Проф. Нико Беќаровски е еден од неколкуте доктори кои беа извонредно активни во оваа пандемија, во насока на едукација на населението и објаснување на нивните дилеми околу корона вирусот.

Д-р Беќаовски работи на клиниката за Токсикологија, а денес во статус на својот профил на социјалните мрежи, објаснува со што се соочуваат лекарите во нашата држава, особено при нивните ноќни дежурства.

-На 7 јануари сега веќе предалечната 1989 година го имав своето прво дежурство како лекар.

Од тој ден па се до вчерашното дежурство, во овие 33 години дежурав преку 1800 пати, т.е. околу 5 цели години од својот живот, удобноста на креветот и мирниот сон, ги заменив со адреналинот и cтреcот што го носи секое дежурство.

Повеќе од 30.000 наши граѓани од целата Република, во изминатите години биле прегледани од мене во доцните ноќни саати, кога очните капаци сами и неволно ги покриваат очите, а мозокот се труди и покрај заморот да ја постави точната дијагноза и соодветниот третман.

До пред 15-тина години ова саможpтвување на “ноќните вампири” со бел мантил колку толку се почитуваше и во ноќните часови се одеше на преглед од крајна нужда и со должен респект кон вработените.

Секој звук од сирената на Брза Помош или ѕвонење на влезната врата, беше аларм за целата дежурна екипа, дека следува уште една борба за cпасување на нечиј живот.

За жал секоја година и секој нов ден дежурствата, посебно во ургентните одделенија се претворија во арена на исфрустрирани насилници, “мангупи” кои сакаат да го “изиграат” мој термин и пациенти чиј главен симптом е “знаеш ли кој сум јас” и “сега ќе свртам кај Министерот и од утре леташ”.

Пцуењата на сите членови на нашите фамилии, заканите по живот итн, за жал станаа нашето “ноќно освежување”.

За огромна жал 99% од овие “полноќни каубои” се млади лица родени и едуцирани во македонската демократија.

Почитувани мои, еден од основните закони во природата е законот на акција и реакција. Агресијата секогаш создава одбојност, а одбојноста недоверба, а ДОВЕРБАТА е основната карика во односот доктор-пациент.

Во вакви нездрави односи,”најмудро” е “паметниот да му попушти на будалиот” и токму затоа белите мантили одлетуваат во поцивилизирани средини.

Без прецизен закон за правата и должностите на сите субјекти во здравствениот систем и доследно казнување на сите насилници,

се повеќе бели мантили ќе ја играат својата лебедова песна во македонскиот јавен здравствен систем, пишува д-р Беќаровски.

Previous articleФилипче денес одговори на прашање дали ќе има мерки или карантин: Не може за секој нов сој да воведуваме рестрикции
Next articleУште еден функционер од општина Карпош, кандидат за потпретседател на СДСМ