Home Live Весна Бејби: Не свиткав кичма, се смеам и кога не престанувам да...

Весна Бејби: Не свиткав кичма, се смеам и кога не престанувам да плачам

Весна Бејби Петрушевска, со емотивен статус, ја соопшти загубата на својот татко Кирил, кој овој свет го напупти на почетокот од овој месец.

Весна е инаку окупирана со емисијата за екологија Агенда21 која ја води заедно со Игор Џамбазов и со неколку млади водители.

-Драги пријатели и роднини, утрово мојот најмил деди по чина во 6:30 сабајле… Ужасно ми е тешко и нема никогаш да престане да ни недостасува твојата широка насмевка, исклучителниот дух и несебичната љубов, пишува Весна.

-Те сакам тато, те сакам затоа што беше нежен со нас, со внуците Ема, Јана, Мина и Кирил, со зетот Џоле, со Вики….

ќе ми недостасува восхитот на љубовта која ја имавте со мама Сашка Петрушевска вечни тинејџерии прва љубов која инспирираше, те сакаме бескрајно, нека ти е светол патот татичко одмори се, напиша актерката. Потоа, со емотивен статус од таткото се птрости и Маја, нејзината сестра која живее во Лондон.

За татко ми Кирил Петрушев. Татко ми не беше само добар човек. Беше најдобар. Убав, нежен и грижлив. Шизик и шмекер. Горд Скопјанец.

На неколку дена пред твојот 78 роденден, наместо да славиме со торта со свеќи за кои последниве години велеше дека од толку восок штета ќе биде тортата да се запали, го славиме твојот живот. Оти твојот живот заслужува да се слави.

Од раѓањето во Чаир, преку Ново Маало до Кисела Вода. И разноразни патувања и патишествија. Татко ми сакаше да патува.

На твоите приказни за Ново Маало, детството, тинејџерските години, иако ги имавме чуено илјадници пати, секој пат се смеевме до солзи. Оти секој муабет, нов детаљ.

И одново му велевме, тато, ај пак кажи како на корзо им делеше на девојчињата слика од тебе во кожна јакна. Убав како филмски глумец, не само што сликата беше иста туку и посветата, на драгата таа и таа…Твој Кире.

Истата фотографија што и ја посвети на мама сите љубоморно ја чуваме. Засекогаш, како што го чуваме секој момент поминат заедно. Како кога на ушка ме носеше до Државна болница да ја видиме мама, оти Весна секој ден требаше да се роди.

Или, кога одеше да го земеш нашето NSU од Љубљана. На заминување, јас две ипол години, клекна за да ми бидеш во иста линија со моите очи и ме праша, Маја каква боја сакаш да е колата? Цвена тато. И навистина донесе црвен NSU.

Од тогаш мојот татко беше човекот, кој желбите ги претвора во јаве. И така живееше до последен момент. Да ги сослуша сите, ако може да им помогне или да им удоволи.

Неговата смисла за хумор и талент за раскажување случки од животот беа апсолутно фантастични. Да ви откријам наша семејна тајна, јас и татко ми заедно, држиме светски рекорд во флекање.

Пардон тато, мислам Јана ни е опасна конкуренција, или е многу блиску или веќе ни го има срушено рекордот. Крвта не е вода! Традицијата продожува.

Секој пат кога ќе се накапевме, на трпезата грижливо спослана од мајка ми, која е чиста чистица – ќе се погледневме и ќе кажеше јас и ти Маја, леблебии да јадеме ќе се накапеме! И секој пат заоѓавме од смеење. Двајцата стрелци, во ѕвездите споени. Со поглед се разбиравме.

Тато, откако си замина ми се расветли дека никогаш се немавме скарано. Како да се скараш со човек како тебе. Човек кој не сакаше конфликти.

Човек кој никогаш не ми повишил глас. Со збор се разбиравме. Како што треба. Слични во карактер, први спремни со куферите, само кажи ни каде на кај да го фатиме патот. Секогаш спремен за нова авантура.

Твојата прегратка беше особено нежна. Кога решив да се мажам, ми помагаше да се спакувам и тивко плачеше. Кога ти реков, ама тато знам колку го сакаш Ѓоко, виде каде ќе живееме, зошто солзи? Се радувам, ама од дома ми заминуваш, нема да е исто.

Истиот тато, кој не заспиваше додека јас и Весна не се вратевме дома, кога почнавме да шетаме. Само тивко од спална ќе се јавеше – Маја, ти си? Се врати, а? Истата рутина, неколку децении подоцна со Јана и Ема.

Така и јас тато денес, плачам затоа што те сакам, затоа што се радував на секој муабет, на секое видување. Затоа што дома, во Скопје, нема да е исто без тебе.

Весна и јас не можевме да имаме подобар татко од тебе. Знам колку беше горд на нас, се надевам знаеш колку сме горди на тебе. Каков пример од родител беше.

Нашите деца, Јана, Ема, Кирил и Мина имаа дедо, како од приказните.

Секое видување слушање – Јана, како е на дедо убавицата? Двајцата со нивни тајни за кои никој друг не знаеше се додека вие не решивте да ги споделите. Како приказните за одење во парк со Јана, наместо во забавиште во Лондон.

Затоа беше посебен како човек. Да ги слушнеш навистина другите, е дарба која малкумина ја имаат.

А Јана како 4 годишно дете, само што стигнато во Лондон, знаела дека само ти ќе ја разбереш и ќе го препознаеш стравот на дете кое никој не го разбира во новата средина. Тоа е лекција за паметење.

Ема, неговата Џулија Робертс. Секое слушање не можеше да помине без – Шо ми прави глумицата? И одговорот на Ема, дедо тета е глумица. Не сум јас по глумата.

Ќе ми недостасува твојот скопски говор. Додуша, кога открив во школо дека ја треба да е јас, и не е у школо, ами во школо – никогаш не се противаше кога ќе те поправев како дете. Ќе повтореше како што треба, без суета, и ќе си продолжеше да тераш скопски.

Кога ќе дојдеше во Лондон, од желба да ти покажам се што сакав, веројатно раат не виде од моите планови. Се додека последниот пат, веројатно знаејќи дека те чека километража на патиките, мангупски ми рече – Маја, тоа зградите во Лондон не се смениле стотици години, гарант не се смениле од последниот пат, пак ли да ги гледам? Ај пушти ми вести на лаптопот. Тука сум вас да ве видам, Лондон сум го видел.

Кога доаѓав во Скопје, немаше шанса да не ме пречекаш на аеродром. Дури и кога се движеше со тешкотии, ќе се качеше на кола и ете ти го во Петровец. Имам само една молба до тебе тато. Да ми доаѓаш на сон, често.

Да се смееме на глас и да јадеме леблебии. Ти ветувам бербат ќе ги направиме и панталоните, и маиците и кондурите. Те сакам тато.

Колку сите ѕвезди на небото. Сега ти се нашата најсветла ѕвезда. Патувај спокојно мил мој татко. Мој најмил, единствен тато Кире, тато Кики. Со љубов, Маја“, напиша Маја Петрушевска.

-Татковците се најобични мажи кои љубота ги претворила во суперхерои, авантуристи, раскажувачи на приказни …

неговите секогаш ги слушав со широко отворени очи,не сретнав понежен и подуховит човек од него….патем, вистински убавец. Фалиш тато Кики,наш Кики“, напиша Весна во друг пост.

Весна Петрушевска на Фејсбк ги објаву своите новогодишни желби и на кратко раскажа како поминала оваа година за неа. Весна го објави следното: „Во следната година ви посакувам:

-не отварајте бизарни и вести кои нема ама баш никако да ви го разбистрат умот, напротив затапуваат
-бидете храбри
-сторете нешто со вашиот живот и учете ги вашите деца на здрав живот, читање книги и кријте им ги гаџетите барем три пати неделно (не е кривично дело)

-не верувајте на политичарите секогаш е ПР, верувајте на сопствениот ум, инстинкт и волја
-кога ќе изгубите родител веќе сте потполно сами и неутешни

-се надевам дека следните наслови во медиумите ќе бидат исполнети со успесите на млади деца актери, со актери кои растураат на сцена и дека тоа ќе бидат главни вести (а не оние шушумиги како *срушиле* инстаграм со очајна потреба за лајкови и кликови

Јас не престанав да мислам и да работам за да оставам знаење на младите генерации. Не свиткав кичма на бизарностите и тривијалностите.
Се смеам и кога не престанувам да плачам.Ќе се обидам да ја живеам духовитоста на мојот татко кој беше за мене инспирација со широката насмевка.

Бидете свои и кога грешите. и да гледајте AGENDA21mk тоа е убедливо најдобриот тв формат годинава“, напиша Весна Петрушевска на Фејсбук.

Previous articleПендаровски му го даде мандатот на Ковачевски и соопшти што очекува од него
Next articleДанела за загадувањето: Ние не можеме да спречиме да влегуваат возила, централната власт мора да си дејствува во рамки на нејзините надлежности