Home News Ванковска: Сега разбрав дека единствено јас сум била неподобна за МАНУ

Ванковска: Сега разбрав дека единствено јас сум била неподобна за МАНУ

Професорката Билјана Ванковска пред една недела на својот профил на социјалните мрежи, ги извести своите пријатели дека е одбиена нејзината апликација за дописен член на МАНУ:

„Тукушто разбрав дека на денешната седница на Одделението за општествени науки на МАНУ не сум добила поддршка за дописен член на МАНУ. Немам доволно добри академски постигнувања за таа елита.

Всушност, кога ќе се види кој се’ НЕ Е член на МАНУ, јас сум во одлично друштво.

Притоа, зад мојата кандидатура ги имав писмените препораки на еден Ричард Фалк (Принстон), Џејмс Петифер (Оксфорд), Сузан Вудворд (Њујорк), Стефано Бианкини (Болоња), Бернард Боене (Женева), итн.

Не знам кој е поддржаниот кандидат/ка (но претпоставувам за кого/која станува збор – сосема очекувано).

Така, се’ си е како што треба да биде и според поставените критериуми и норми. Јас ова го очекував, така што ниту сум вознемирена ниту разочарана.

Искрено, дури и сум со чувство на олеснување – си ја сочував слободата на мисла и говор!

Единствено ми останува да му заблагодарам најискрено на мојот Факултет за поддршката што ми ја даде за започнување на процедурата.

Стокмената биографија и библиографија е подолу на линкот, напиша Билјана Ванковска на својот профил на социјалните мрежи.“

Денес професорката Ванковска открива нови детали:

-Отпосле разбирам дека Одделението за општествени науки на МАНУ при гласањето во врска со пријавените кандидати одлучило на сите да им даде пасс/поддршка да одат на конечен избор пред Собранието на Академијата – освен на мене. Практично, јас сум од „отпишаните“, единствената неподобна.

Чиста вистина, не (им) „пасувам“ никако ни според политичките, етничките или академските критериуми.

Кога го слушнав ова, прво се вџашив од бесрамноста (мислев дека барем ќе глумат принципиелност), а потоа умрев од смеа кога сфатив од кого сум тоа елиминирана. Искрено, срам ми е да кажам.

Да, една од моите будалаштини во животот, ама таква која зборува повеќе за оние кои мижеле пред сето што им беше поднесено и што сведочело за кариера долга 40 години, отколку за мене.

Си го повлеков научниот труд што требаше да ми биде објавен како дел на публикацијата поврзана со научниот собир по повод 30-годишнината на државноста, па така ниту некогаш ме имало, ниту некогаш ќе ме има во аналите на таа институција.

Толку на оваа тема, крај за оваа година. Руска салата направив, сега да одам да виткам сарми. И да ја спукам првата колумна за идната година.

Previous articleНема веќе дилеми – Бислимовски соопшти колку ќе поскапи струјата
Next articleТАГА ВО КУЌАТА НА ЏОГАНИ: Весна сподели ТАЖНА ВЕСТ