Многумина се согласни дека Наум е нашиот најдобар глас. Го нарекуваат славеј, а тој со своите безброј прекрасни песни, тоа и го докажал.
Долга и богата е историјата на нашиот познат фолк пејач Наум Петрески. Тој со музика се занимавал од самото детство. Првиот јавен настап го имал на седумгодишна возраст, како претставник од Македонија на деветтата меѓународна смотра на фолклорни друштва во Загреб.
Од 1990 година почнал професионално да се занимава со музика и до ден денес остварил многу успеси на музичко поле и секогаш останал доследен на корените на македонската фолклорна музика.
Настапувал на бројни фестивали, а самиот почеток бил во 1990 г на фестивалот “Фолк хит на годината” со песната Наум бекрија.
Во 1991год. со забележителен настап како млад и перспективен вокал со песната “Има ли песна” постигнал најголем успех во историјата на валандовскиот фестивал освојувајќи четири награди прво место од публика, најдобар дебитант, второ место од жири и награда за интерпретација.
Истата песна била избрана за фолк хит на годината, а Наум ја добил наградата за вокал на годината. Од тогаш до сега се ределе бројни настапи, успеси во Македонија и низ дијаспората. Од тие настапи му биле доделени голем број признанија, благодарници и плакети.
Испеал голем број дуети “Љубов голема” со фолк дивата Виолета Томовска, “За Македонија” со Есма Реџепова, “Пеј бистро пеј” со Сузана Спасовска, потоа дуети со Росана Тодоровска и песната “Сенките под маслините”, “Тиквешка елегија” со Зуица Лазова, “Љубовта не отепа” со неговата ќерка Анастасија Петреска и многу други….
Некои од песните се обнародени како што се “Има ли песна”, “Жал за Деспина”, “Љубов голема”, “Лазарополе”. Издал две касети првата под наслов “Има ли песна” и втората “Жал за Деспина” и три цедеа “ Песно моја”, “Пат за Македонија”, “Оди звездо” и заедничко ЦД со етно групата Синтезис насловено како Синтезис и Наум Петрески.
Едно од најголемите дела во кое учествувал е проектот Македонска чалгија во која учествувал со дури 45 песни од 120, распределени во албум од 6 цедеа.
Својата држава ја претставувал во многу земји ширум светот, меѓу кои отворање на македонски културен центар во Истанбул-Турција, Софија-Р.Бугарија, претставување на македонската музика во опера хаус Сиднеј-Австралија и многу други настапи.
Остварувал соработка со гордоста на македонското оро Танец, со КУД “Кочо Рацин”, КУД “Орце Николов”, КУД “Билјана”-Скопје, со КУД “Панчо Пешев”-Куманово.
Учествувал на голем број хуманитарни концерти, а се јавувал и како организатор на истите еден од нив е помош на децата парафлегматичари од Прилеп и околијата. Зад него се паметат три солистички концерти првиот во 1992год, вториот во 2001 и третиот во 2011год. на кои учествуваале врвни имиња од Македонија и Србија.
Над 300 песни има на својот репертоар и снима активно . Сепак, фестивалите како што ни рече, веќе ги остава за помладите.
-Ги зедов сите награди по фестивалите што требаше да се земат, време да им отстапиме простор на помладите, јас на фестивал би можел да сум во жири или пак да имам мини концерт додека се чекаат наградите, вели Наум во едно интервју за Публицитет.мк.
Не заборавам добрина никому, а лошото брзо ми поминува не го ни памтам. Не случајно е речено, животот ги пишува романите. Најголем дел околу седумдесет проценти од моите песни се инспирирани од мојот живот“, изјави Наум во истото интервју.
Тој е сопруг на Зуица Лазова, и е татко на четири деца три ќерки и еден син, Анастасија, Сања, Македонка и Стефан.
Во интервју за Бекстејџ, Наум рече дека уште од млади години ја започнал својата музичка кариера:
-Од 4 години свирам, хармониката беше мојот прв инструмент, па после гитара, а пеењето започна во подоцнежните години.
-Да не бев пејач, ќе бев сигурно некој биолог или истражувач на таа тема, да се врти околу биологијата. Исто така сум нуркач 30 години, ја обожавам археологијата како дејност.
Потоа водителката во интервјуто му поставуваше неколку стихови од познати српски пејачки каде што доминира на сил ството, а од Наум побара овие песни да ги преформулира во љубовни.
На стиховите од песната на Ана Бекута: ,,Рани ме још 100 пута”, Наум рече дека би сменил во ,,Пољуби ме још 100 пута”
Сепак за песната од Цеца, ,,Доктор” каде што Цеца пее: ,,Ја би опет била тепих по коме ти газиш”, Наум рече дека има ,,безвезе” симболика и додаде:
-Кој и да ја напишал песната сака да каже, толку ќе се понижам пред тебе, само да бидеш мој, тоа не би го оправдал и не би го ставил во песна.
-Мора да има некој ма зо хи зам за овие песни да станат популарни. Јас не би останал во таква врска, а ниту пак било која жена. Жената треба да се мази, да се чува како цвеќе.
Пејачот смета дека овие песни станале толку популарни бидејќи 99% од тие што ги слушаат не го разбираат нивното значење и посочи дека во Македонија нема песни во ваков стил, а на крајот ја запее познатата песна од Зоран Ванев, Ангела.