Вчера истече мерката со која цените на основните прехранбени производи беа замрзнати, а стапи на сила одлуката за ограничување на маржите.
Таа доследно ќе се применува и нема да има ценовни шокови на пазарот, вели Бектеши.
Стоковите резерви се полни, но пазарот е добро обезбеден, залихи има и нема потреба да се интервенира преку нив, вели Бектеши. Истото го потвруваат и увозниците. Велат нема потреба од паника.
Пет проценти трговска маржа за големите и 10% за малите трговци важи за истите производи кои до вчера беа замрзнати: лебот, шеќерот, солта, брашното – тип 400, суровото сончогледово масло и сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, свежото месо и сувомеснати производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата, тестенините, пченицата и овошјето и зеленчукот.
Завчера ненадејно рафтовите во маркетите се испразнија. Првичните информации беа дека граѓаните купувале залихи. Но вчера информациите беа дека всушност трговците ги испразниле, поради очекуваното одмрзнување на цените.
Министерот за економија вчера рече дека продавачите ги повлекле производите кои до вчера беа замрзнати. Најавува дека пазарните инспектори ќе ги засилат контролите во маркетите за да се види кој го манипулирал пазарот. Најавува и ригорозни казни.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, по подолго време во статус на својот профил на социјалните мрежи, кажа што нејзината партија ќе бара во Собранието, за поголема благосостојба на граѓаните.
„Владата треба итно да преземе мерки и треба да почне да размислува да ги укинува и да ги намалува даноците и таксите на сите оние производи кои граѓаните ги користат секојдневно, а поради повисоките цени им го нарушуваат стандардот.
ВМРО-ДПМНЕ ќе бара преку Собранието на Република Македонија:
Наместо 5% повластена даночна стапка за промет и увоз на производи за човечка исхрана, да биде 0% односно да не се плаќа данок!
За топлинската енергија за греење наместо 5% данок да нема данок!
Продолжување на важноста на даночната стапка од 5% за електрична енергија и по 1 јули!
Намалување на акцизата за нафта и нафтени деривати за 50%!
Власта да ја преиспита одлуката со која одби да бидат намалени царинските тарифи за производите во прехранбената индустрија, предлог кој го дадоа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ!
Власта треба да почне да работи на зголемување на домашното производство на струја, имајќи предвид дека лани ја завршивме со екстремно ниско ниво на производство кое го дополнувавме со скап увоз!
Уште еднаш ја повикуваме Владата да им излезе во пресрет на компаниите и општините кои ни криви ни должни беа ставени во ситуација да плаќаат од 300 до 800% поскапа електрична енергија!
Наместо гол маркетинг и гола политика го повикуваме Ковачевски да излезе од стакленото ѕвоно и да види каква е вистинската состојба!
Монтираните видеа нема да му помогнат на граѓанинот исто како што и шминканите бројки и веселата математика на Владата нема да му помогне да го преживее месецот.“