Home News Милошоски открива дека му пишале писмо на премиерот Ковачевски, да дојде во...

Милошоски открива дека му пишале писмо на премиерот Ковачевски, да дојде во Собрание и да објасни што се преговара со Бугарија

Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Антонио Милошоски, вели дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата напишаа писмо до премиерот, Димитар Ковачевски за да се обрати во македонското Собрание и пред пратениците да ги сподели нацрт документите кои што се договараат на релација Скопје-Софија.

Тој од штипско Ново Село, одговарајќи на новинарски прашања, истакна дека тоа што премиерот не се појавува пред пратениците да образложи што се преговара со Бугарија, ни е знак дека тој нешто сака да сокрие и од пратениците, веројатно и од јавноста.

Милошоски го повика премиерот Ковачевски дека ако не е спремен да учествува на јавна седница во собранието на која би дебатирале на овие теми, тогаш може да организира затворена седница во рамките на Комисијата за надворешна политика.

„Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, дваесет на број и од коалицијата пишавме едно писмо, барање до премиерот Ковачевски да се обрати пред Собранието, пред Комисијата за надворешна политика и да ги сподели со нас нацрт документите кои што се преговараат на релација Скопје-Софија.

Засега немаме ниту писмен одговор, ниту пак согласност од премиерот дека ќе се појави пред Собранието. Тоа ни е еден знак, дека веројатно тој сака нешто да сокрие, да сокрие од пратениците, веројатно да сокрие и од јавноста.

Но, не е во духот ниту на демократијата, ниту на отчетноста кога владата и премиерот се кријат од Собранието и не сакаат да разговараат за најбитните теми, а оваа тема е поврзано со односите Македонија-Бугарија и поврзана е со самата Европска унија.

Затоа, цениме дека време е Ковачевски да го покаже својот демократски капацитет, да не се плаши, да дојде пред пратениците, да покаже што има да се разговара со Бугарија и доколку не е спремен за јавна седница, може да организираме и затворена седница на која што би ги дебатирале овие теми“, рече Милошоски.

Запрашан, дали има нешто што во меѓувреме циркулира, но не се кажува во јавност, Милошоски истакна дека според партиските информации, добиени од дипломатски извори, има подготвен нон пејпер кој што циркулира на релација Министерство за надворешни работи на Македонија и МНР на Бугарија , но дека истиот се држи во тајност.

„Според нашите информации што ги имаме од дипломатски извори, има еден подготвен нон пејпер кој што циркулира на релација Министерство за надворешни работи на Македонија и МНР на Бугарија.

Но, сега за сега, тој се држи во тајност и не се споделува со македонските пратеници. Инаку, како што гледаме во официјална Софија имаат чести координации кај претседателот Радев и нивните политичари се запознати за тоа што се разговара со Македонија.

За жал, пратениците во Македонија не се запознати и дознаваме од извори во Бугарија“, посочи Милошоски, се пренесува на официјалниот портал на ВМРО-ДПМНЕ.

Previous articleЕве во каков луксуз уживал Боки 13 пред да го осудат, и на што најмногу ги трошел парите
Next articleВесна Петрова: Би сакала да ја опишам нашата голгота, која ја поминавме на болница – кој има време нека прочита