Home News Заев објави слика со Филипче и Мајк Помпео и поpача: Северна...

Заев објави слика со Филипче и Мајк Помпео и поpача: Северна Македонија веднаш да ги почне преговорите со ЕУ

-На панел дискусијата на Економист конференцијата во Атина, посветена на стабилноста и просперитетот на Југоисточна Европа, порачав дека сум уверен дека е историски оправдано што бараме и што добиваме почеток на преговори со ЕУ,

после 17 години чекање, со нашиот македонски јазик и идентитет, препознаени и потврдени, напиша Зоран Заев на својот профил на социјалните мрежи, а потоа го сподели својот говор од обраќањето.

-Почитувани, верувам дека Северна Македонија и Европската Унија овие денови прават историски исчекор напред.
Последниот предлог на француското претседателство е добра основа за Северна Македонија да го почне процесот на преговори

кој за сите земји членки почнува со Меѓувладина конференција и со Скрининг односно со преглед на сите детали во сите поглавја во кои треба да се усогласиме со европските стандарди.

Северна Македонија донесе многу тешки одлуки во изминатите неколку години. Земјата испорача мир и стабилност кон регионот и кон Европа, заедно со важните и тешки реформи во нашата земја.

Затоа, уверени сме дека е историски оправдано што бараме и што добиваме почеток на преговори со ЕУ, после 17 години чекање, со нашиот македонски јазик и идентитет, препознаени и потврдени.

За граѓаните на Северна Македонија ова е силен чекор напред кон исполнување на втората наша стратешка цел, после членството во НАТО.

Затоа и во оваа прилика подвлекувам дека стратешки интерес на Северна Македонија е веднаш да ги отпочне преговорите за членство со ЕУ.

Уверен сум дека тоа е стратешка одлука и на ЕУ затоа што нема поголема и поефикасна одлука за зајакнување на стабилноста на регионот на Југоисточна Европа од отворањето на процесот на пристапување во ЕУ за Северна Македонија и Албанија без никакво натамошно одлагање. Ви благодарам.

Зоран Заев во втор статус вчера, објави дека се сретнал со поранешниот Државен секретар на САД, Мајк Помпео:

-На конференцијата на Економист во Атина имав средба со нашиот пријател Мајк Помпео, поранешниот државен секретар на САД.

Помпео е голем поддржувач на Северна Македонија и на македонскиот народ кој во клучниот период пред нашето зачленување во НАТО даде голем придонес за успешно заокружување на овој наш стратешки и безбедносен приоритет.

Безбедноста и стабилноста на регионот никогаш не биле позначајни во последните 20 години. Соработката со развиените безбедносни системи на земји како САД и Израел се од огромно значење и за НАТО алијансата и за Северна Македонија.

Со министерот за одбрана на Израел Бени Ганц се согласивме дека европската интеграција на Северна Македонија во овие моменти на воена инвазија врз територијата на Европа е клучна за стабилноста на Балканот.

Previous articleДимитров: Владата да забави и да ги слушне граѓаните, чекорот назад е чекор напред
Next articleMајката на Душко Тошиќ им треcна врата на новинарите (BИДЕО)