Home Live Драган Спасов Дац: Е Горане мој пријателе, жал ми е што те...

Драган Спасов Дац: Е Горане мој пријателе, жал ми е што те нема, ама да ти кажам – се спаси

Пред речиси четири години, есента 2018, во местото Кентбери Англија,  на 66 годишна возраст се упокои познатиот драматург Горан Стефановски.

Горан Стефановски (роден во Битола, 27 април 1952) е македонски драмски писател завршил Филолошки факултет во Скопје, англиски јазик и книжевност.

Студирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград каде што и магистрирал на тема „Сценските напатствија како основа на драматургијата на Семјуел Бекет“.

Работел во драмската редакција на Телевизија Скопје, а потоа како асистент на скопскиот Филолошки факултет. Од 1986 година бил професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје.

Член е на Македонскиот ПЕН центар. Член на Друштвото на писатели на Македонија од 1979 година, а од 2004 година е и член на Македонската академија на науките и уметностите.

Драмите на Горан Стефановски имаат нешто заедничко: преку трагедијата на едно семејство, Стефановски ја предава историјата на македонскиот народ, преку сите свои болки и рани, со социјалните неправди, политичките разијдувања, стремежот за подобро утре.

Добитник е на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“, „Војдан Чернодрински“. Горан е брат на гитаристот Влатко Стефановски.

Стафановски во своето богато творештво ги има делата „Диво месо“, „Лет во место”, „Дупло дно” и „Тетовирани души”. Тој заедно со Слободан Унковски е авторот на емисијата „Бушава азбука“, детската ТВ емисија со која пораснаа многу генерации.

Денес, актерот Драган Спасов Дац, се потсети на својот пријател, професор и колега:

„Е, Горане мој, мил професоре и пријателе. Поминаа скоро четири години одкако си отиде и да ти кажам уште ме боли некаде во телово кога некој ќе го спомене твоето име или ќе прочитам нешто за тебе.

Со тешко срце морам да ти кажам дека се спаси. Ситуацијава кај нас е катастрофална, секој секого мрази, му завидува, фаќа сеири како Пејо сеирџијата кој го играв во твојата последна драма “Огнени јазици”, ама Пејо беше добар а не како овие… Навистина се огнени јазици и зли и пакосни и одвратни.

Ти во животот не си бил повеќе цитиран како сега. Сите работи што ги имаш напишано во кои зборуваш за нашата Македонија и семејството и предавниците и она како се сака земјата во која си роден, сега наголемо се споделуваат на социјалните мрежи.

Час ги споделуваат едните, час другите во зависност од тоа кој како рекол и што рекол. Обично ги споделуваат за да се ситат на оние другите.

Мене ми е мило што ги споделуваат твоите генијални мисли, но жално е што скоро никој од тие што ги споделуваат текстовите и видеата од одредени претстави не прочитале повеќе од тоа што го споделуваат и не виделе повеќе од самите видео фрагменти.

Да ги прашаш што се зборува во “Диво месо”, ќе ти кажат дека тоа е за еден стар човек што требал децата да ги издрка во чаша… И? Нема “И”.

Тешко ми е, (и не само на мене) од оваа омраза која се шири низ нашиот народ. Ах… се надевам дека ќе биде подобро.
Во моментов ми текна и дијалогот на Војдан и Стрезо од “Тетовирани души”, кога Војдан му вели на Стрезо дека ќе биде подобро… ама нема да го напишам, ( нека прочитаат нешто) затоа што ќе почнат и тоа да го споделуваат…

Отидов неколку пати и го гушнав твоето дрво во Дебар маало, а кога ја поставија клупата, седнав до тебе во еден дождлив ден и се изнаплакав од срце. Твој Дац!“

Previous articleАнастасија Ражнатовиќ откри за односот помеѓу брат ѝ Вељко и Немаља Гудељ и дали се согласуваат за неа
Next articleТони Цетински емотивно се потсети на Тоше: Се присетувам на многу спомени кои се длабоко врежани во мене