Home News Пендаровски: Дојдени се луѓе од други земји со намера да провоцираат

Пендаровски: Дојдени се луѓе од други земји со намера да провоцираат

Следниот понеделник ќе се одлучува кога францускиот предлог ќе оди на пленарна седница – координаторите на пратеничките групи со спикерот Талат Џафери ќе договараат датум, кога пратениците ќе дебатираат по стигната Информација за содржината на предлог преговарачката рамка за пристапните преговори.

Но, дали еден лист може да го замени целиот француски предлог заедно со пропратните документи, е прашањето кое го постави опозицијата, но и коалициониот партнер на СДСМ, Павле Трајанов откако вчера Владата до Собранието испрати Информација за предлогот на официјален Париз, усогласен од сите земји членки на ЕУ.

Трајанов предупреди, ако нема заеднички заклучоци, нема да учествуваат на дебатата за Информацијата. Доставувањето на само еден лист, според Трајанов, е несериозен пристап од страна на Владата.

Дополнителен проблем според ВМРО-ДПМНЕ, но и според тројката ЛДП, ДОМ и ДС е фактот што протоколот, најпроблематичниот документ, кој претставува билатерален договор помеѓу Македонија и Бугарија се уште не е јавно објавен никаде, иако вчера вицепремиерот Артан Груби посочи дека тој се усогласувал уште од 2017 година.

Опозицијата побарала од собранискиот спикер Талат Џафери да го врати документот во Влада и да побара целосни документи заедно со Информацијата. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицески вели, работната група за носење на заеднички заклучоци повеќе нема смисла, бидејќи во собраниска процедура веќе е влезена информацијата.

Од СДСМ пак, ги повикаа сите пратеници во Собранието да покажат одговорност и да придонесат со дијалог, конструктивност во носењето на конечната одлука во однос на Информацијата.

По неколкудневните протести низ скопските улици, денес се изразуваше поинаква форма на протест, со блокирање улици и автопатишта.

Завчера се случи потежок инцидент кај Мавровка, а претходниот ден пред Собранието, кога и самите организатори на протестите, велеа дека луѓето со качулки кои влегоа во конфликт со полицијата, не се нивни припадници, туку се уфрлени.

Прашањето кои се тие луѓе и од каде се уфрлени, до денес нема одговор. Во најава за вечерашно интервју кај новинарот Борјан Јовановски, претседателот Стево Пендаровски ги отјкрива неговите сознанија.

-Руската федерација го злоупотребува тоа што граѓаните легитимно протестираат против францускиот предлог, истакнал шефот на државата Стево Пендаровски во интервју за ТВ21 кое ќе се емитува вечерва.

Според Пендаровски, луѓе од други земји се дојдени во Македонија со цел да испровоцираат инциденти.

„Имаме неколку дузини луѓе кои се дојдени од некои од соседните држави и кои се обидуваат да испровоцираат инциденти на протестите. Не се наши државјани…“, вели Пендаровски.

Тој додава дека ретко кое момче од 18 години знае што е молотов коктел, да го направи и кога треба да го фрли.

Изјавата на Пендаровски можете да ја видите ТУКА

Previous articleТони Цетински емотивно се потсети на Тоше: Се присетувам на многу спомени кои се длабоко врежани во мене
Next articleСефер: Драги браќа Македонци, не се кpиви Албанците, ниту другите етнички заедници – вие треба да си решите