Home News Битолскиот професор направи пресметка – колку штити втора, колку трета и колку...

Битолскиот професор направи пресметка – колку штити втора, колку трета и колку четврта доза

Професорот по Механика од Битола, Дејан Трајковски, направи пресметка според официјалните бројки од Министерство за здравство, колку процентуално штити втора, трета, четврта доза од вакцините.

„13.07.2022. Изминува четвртата недела од почетокот на петтиот бран на корона вирусот и дневните броеви на новодијагностицирани моментално растат најбргу од почетокот на бранот (на дијаграмот на првата слика).

Меѓутоа, темпото на раст е значително помало од претходните бранови, односно ефективниот репродукцисики број Rt (на дијаграмот на втората слика) нема многу високи вредности.

Освен тоа, се забележува дека Rt изгледа го достигна максимумот, односно брзината на растот на дневните бројки на нови случаи е максимирана.

Во наредните 3 недели бројките сé уште ќе растат, но со се помало темпо, како што Rt ќе се намалува кон единица.

Врвот на бранот на дневните бројки ќе биде достигнат кога Rt ќе опадне на единица и според сегашната динамика се очекува бројките да се максимираат на околу 700-1000 нови случаи дневно и тоа на почетокот од август.

Можно е максимумот да биде постигнат и порано, бидејќи стапката на позитивни тестови моментално е екстремно висока, што обично најавува кулминација на бранот.

Денеска истата изнесуваше 35,65% (една од највисоките досега), а седумдневнит просек е 30,8%, без тенденција на максимирање.

Ова се случува при многу мал број на тестирања, што значи дека моментално се тестираат само тие коишто имаат симптоми, евентуално и нивните контакти, но за разлика од минатата година нема многу тестирања поради патување во странство.

Независно од големите дневни бројки на нови случаи, бројот на хоспитализирани е симболичен, односно во неделата имало само 24 хоспитализирани во целата земја (сината линија на дијаграмот на четвртата слика).

Дури и со сегашниот мал број на тестирања, се добива многу ниска стапка на хоспитализираност од околу 1% (на дијаграмот на петтата слика).

Оваа стапка е пониска дури и од стапката што ја имавме зимата, за време на изворниот омикрон сој, а да не зборуваме за некогашните стапки, коишто долго време изнесуваа над 10%.

При толку ниска стапка на хоспитализираност не може да биде висока ни стапката на леталитет, односно процентот на починати во однос на бројот на дијагностицирани.

Сé уште е рано да зборуваме за леталитетот во овој бран, но најверојатно стапката ќе биде пониска од 1,5%, колку што изнесуваше за време на бранот на омикрон сојот.

Иако американските научници велат дека моменталните соеви се најлоши од сите досегашни соеви, тоа најверојатно важи за непрележаната и невакцинирана популација.

Во нашата земја досега се вакцинирани преку 856 илјади лица, односно околу 46% од вкупната популација од 1,8 милиони жители. Кај постарите од 65 години опфатот со вакцинација е уште поголем, односно близу 80%, така што најзагрозените сепак сé уште имаат солидна вакцинална заштита од тешка форма на болеста.

На ова место треба да се истакне дека ниту вакцинираноста (вакцини аплицирани пред повеќе од 6 месеци), ниту прележаноста не даваат заштита од заразување.

За вакцините тоа го утврдивме уште во зимата и пролетта, а од дијаграмот на шестата слика гледаме дека ни прележаноста повеќе не дава заштита.

Веќе подолг период, поточно од пристигнувањето на омикрон сојот во јануари, неделната инциденца на заразување кај прележаните е практично иста како кај непрележаните.

Во последно време прележаните дури имаат поголема инциденца (повеќе дијагностицирани на 100.000 лица неделно во однос на невакцинираните), односно ефективноста на прележувањето во спречувањето на заразувањето е дури негативна.

Ова не значи дека прележаноста прави луѓето да се разболуваат, туку најверојатно прележаните се однесуваат помалку внимателно, што ги прави повеќе подложни кон заразување.

За жал, Министерството за здравство и ИЈЗ Скопје повеќе не даваат преглед на починатите според вакциналниот статус, но според последните податоци од февруари оваа година, ефективноста на вакцините против смртен исход остана прилично висока, на околу 87%, со одвај забележлива тенденција на намалување.

Сосема накратко, да ги протолкуваме резултатите од една скорешна студија на која се повикуваат во американската CDC (Center for Desease Control) за ефективноста на четвртата доза вакцини кај постарите од 50 години.

Се покажало дека кај лицата коишто примиле четврта доза морталитетот бил за 4,4 пати понизок отколку кај вакцинираните со три дози, а 40 пати понизок отколку кај невакцинираните. Иако ова изгледа драматично, сепак не е толку многу.

Брзата пресметка со овие бројки кажува дека ефективноста на четвртата доза против см рте н исход изнесува околу 97,5% (40 пати помал морталитет во однос на невакцинираните), додека ефективноста на третата доза изнесувала околу 90%, што и не е лошо.

Иако нема податоци за ефективноста од втората доза (после толку многу време), истата не би требало да биде пониска од 80%, што значи дека и само две дози го намалуваат морталитетот за најмалку 5 пати во однос на невакцинираните.

Накратко, 4 дози го намалуваат морталитетот на занемарливо ниско ниво, додека 2 или 3 дози го намалуваат морталитетот на релативно ниско ниво.

Уште еден важен заклучок од студијата е дека ефектот на четвртата доза се должи на временскиот фактор, односно скорешното аплицирање на вакцината. После неколку месеци нејзината ефективност ќе се намали и ќе ја достигне ефективноста на 2 или 3 дози (што ја имаат денеска).

Заклучок: сите имунокомпромитирани лица (стари, дијабетичари и други ризични групи) би требало да се вакцинираат на секои 6 месеци, доколку сакаат да го одржуваат ризикот на занемарливо ниво.

Доколку се спремни да прифатат повисок ризик, дури и 2 или 3 дози даваат задоволителна заштита.

Тука не ја анализиравме ефективноста на прележувањето против см рт ен исход, а таа секако има големо значење, само што треба да се има предвид фактот (резултат од еден друг научен труд што го разгледавме пред извесно време) дека секое наредно прележување остава кумулативни последици по здравјето.

Затоа ковидот не смее да се сфати лесно и најдобро е да избегнуваме повторени заразувања сé додека трае пандемијата, на пример со доброволна примена на превентивни мерки, а нови соеви ќе има уште долго време.

Последен е потсојот BA.2.75, наречен „Кентаур“, којшто од Индија веќе се шири низ светот.“

Previous articleСе огласија од ДОМ и кажаа дали ќе го поддржат францускиот предлог: Билатерални прашања не треба да бидат дел од преговарачки процес
Next articleПратениците од СДСМ кажаа кој е нивниот услов кој го доставиле до Владата: Овие заклучоци ќе мора да ги почитува и секоја идна Влада