Home News Мицкоски на новинарско прашање потврди дека има пратеник кој не потпишал нотарска...

Мицкоски на новинарско прашање потврди дека има пратеник кој не потпишал нотарска изјава, но објасни зошто: Позитивен е на вирусот

-Верувајте дека ќе победиме, рече Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на прес, по гласањето во Собранието за владината Информација за прифаќање на францускиот предлог за кревање на бугарското вето за евроинтеграција на Македонија.

-Информацијата која што претходно ја усвои Владата на Ковачевски и формално иако не беше задолжително, помина во македонското Собрание.

Но пред да проговорам за ова, сакам со особено чувство на гордост да му се заблагодарам на народот кој масовно и во огромен број излезе на улиците и со денови беше тврдината на непокорот кој покажа не само дека Македонија е жива, туку демонстрираше невидена енергија и волја за борба за својата иднина и за нашата татковина, и таму имаше Македонци, Албанци, Срби, Турци, Власи, Бошњаци, Роми и сите останати.

Многумина приоѓаа и многумина даваа поддршка. Ова не беше битка ниту моја, ниту пак на ВМРО-ДПМНЕ, заслугата е на народот, илјадници мажи, жени и деца кои излегоа на улиците и кажаа што мислат за предлогот кој Владата решила да го турка, но и за се она што се случува овој период во Македонија.

Илјадитиот народ кој и покрај сите жестоки жиговсувања, напади, полициски инфилтрати, молотови коктели, местенки и притисоци излегуваше и не отстапи. Благодарам народе мој, и ова не е крајот, туку почетокот на заедничкиот бедем кој Македонија ќе ја врати на народот – рече Мицкоски.

Информацијата која помина во Собранието, смета тој, нема никакво значење затоа што рамката ја усвојува Владата. Но затоа обврските кои произлегуваат од преговарачката рамка, а тоа е промена на Уставот со цел внесување на Бугарите, како што рече, нема да помине во македонското Собрание.

-Повторувам нема да помине во македонското Собрание промена на Уставот со цел внесување на Бугарите во него.

За тоа гаранција е ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, чии пратеници седат позади мене и сме заедно во оваа битка. Народот може да биде спокоен, ова не е 2019-тата година.

На иницијатива на пратениците како гаранција со која се обврзуваме пред граѓаните за ова наше ветување, со цел блокада на предавството на оваа Влада се изјавите на пратениците заверени на нотар, дека со мирна совест и здрава свест нема да прифатат промена на Уставот, а за тоа гарантираат со својата чест, совест и оставка која веднаш стапува на сила доколку тоа се случи.

Јас верувам дека ниту еден пратеник нема да го одобри ова предавство и за тоа го имате и мојот збор дека тоа нема да се случи тоа. Ова се тие изјави, заверени на нотар. Нема отстапување ниту милиметар од ова. Нема чекор назад, затоа што позади нас е се што имаме, нашите семејства, нашето достоинство, нашето име, и нашата Македонија.

На новинарско прашање, Мицкоски потврди дека има пратеник кој во мометов е позитивен на корона и ќе ја потпише изјавата на нотар веднаш штом излезе од изолација.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, од завчера повторно е позитвен на ковид. Тој преку социјалните мрежи порача дека деновиве мораме да бидеме сплотени и најгласни.

„За жал, поради позитивен и потврден КОВИД 19, сакам да ја известам македонската јавност дека како и вчера, така и денес, на овој многу важен ден за иднината на Македонија, не бев присутен на пленарната седница во Собранието на Република Македонија.

За таа цел, до моите колеги пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, упатувам силна порака и безрезервна поддршка да истраат во намерата и борбата за заштита на македонскиот идентитет и историја бидејќи вистината и аргументите се на Наша страна

Деновиве мора да бидеме сплотени и најгласни. Деновиве мора сите заедно уште еднаш да кажеме „НЕ“ со надеж дека власта конечно ќе го слушне гласот на народот“, напиша меѓу другото Мицевски на социјалните мрежи.

Previous articleБујар Османи сподели слика на која се гледа дека никој не гласал против во Собрание
Next articleПремиерот Ковачевски пред малку се обрати на прес и објави: Владата донесе одлука за отпочнување на пристапни преговори со ЕУ