Home News Туфегџиќ: Нотарска изјава со неуставното име на државата е правно ништовна

Туфегџиќ: Нотарска изјава со неуставното име на државата е правно ништовна

Вчера, веднаш по завршувањето на собраниската расправа и гласањето, на кое не учествуваа, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на социјалните мрежи почнаа да објавуваат фотографии од нотарски изјави со кои се обврзуваат да не гласаат за менување на Устав со цел вметнување на Бугарите во него.

Многумина забележаа, дека на теркот со изјава кој го постираа сите, стои името Република Македонија, а не новото име Република Северна Македонија, па веднаш се постави дилема дали ваквите изјави се валидни.

Од СДСМ велат дека нотарските заведените изјави на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се класична фарса и манипулација на Христијан Мицкоски со членството на партијата, затоа што, според правниците, во нив има низа правни недостатоци, што би значело дека тие се неважечки, незаконски и противуставни, изјави портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.

Тоа, како што нагласи, ја покажува очајната манипулација „исто како и со маиците кои ги носеа и на кои пишува НЕ, а ги повикуваа граѓаните на протест и го делеа народот, но во Собранието не се изјаснија ниту ЗА, ниту НЕ.

Но, тоа е ВМРО-ДПМНЕ, рече Кузеска, Груевски со меници, Мицкоски со лажни нотарски изјави.

„Собранието донесе државничка одлука со која реализираме уште една стратешка цел – преговори за членство во ЕУ како Македонци со чиста формулација на македонскиот јазик и со билатерални прашања надвор од процесот на преговори“, рече портпаролката.

На прес-конференцијата Кузеска рече дека веќе во вторник земјава го започнува дијалогот со ЕУ и ќе ја има првата меѓувладина конференција во Брисел.

„Како одговорна, државотворна партија СДСМ покажа дека е возможно да се најде решение за сите отворени прашања, дека може да се продолжи интеграцијата во ЕУ а при тоа македонскиот јазик, македонскиот идентитет и посебност да бидат заштитени и признаени од целиот свет.

Продолжуваме да работиме во интерес на граѓаните во интерес на државата и нејзините стратешки определби“, рече портпаролката Богданка Кузеска.

Од друга страна, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нотарските изјави на пратениците се правно издржани и гарантираме дека Уставот нема да се успее да биде отворен за во него да влезат Бугарите кои не го признаваат македонскиот народ, но затоа ќе се случат брзи предвремени парламентарни избори.

На новинарско прашање поврзано со изјавите од СДСМ, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски рече дека е срамно што власта ги злоупотребува другите етнички заедници за да ја оствари своја цел за бугаризација на Македонија.

„Ги злоупотребува и Хрватите, и Црногорците и Египјаните. На пример, јас лично како пратеник сум предлагал пред некаде десетина години Египјаните да се дел од Уставот. Така што ние немаме проблем со овие три или четири или колку и да се етнички заедници, но ние имаме проблем со барањето Бугарите да влезат во Уставот.

Зошто? Затоа што ни Хрватите, ниту Црногорците, а ниту пак Египјаните не тврдат дека ние не сме тоа што сме, дека не го зборуваме јазикот кој што го зборуваме, дека немаме историја и немаме култура, туку тоа го тврдат Бугарите. И затоа е нашиот став таков каков што е“, рече Николоски.

Според него, власта повторно има план да наоаѓа пратеници за гласање за промена на Уставот, па се служи со лажни оценки во однос на нотарските изјави.

„Тоа нема да се случи. Пратениците изјавите ги потпишаа по свое уверување. Но, ќе се случат брзи предвремени парламентарни избори”, рече Николоски.

Фокус ја пренесе реакцијата на поранешниот судија, а сега адвокат, Владимир Туфегџиќ.

„Не знам кој ве советува во однос на изјавите што ги заверувате на нотар, но знам дека советникот требало да ви каже дека таквите изјави се ништовни од причина што во изјавата е содржано неуставното име на државата и не може да произведе правно дејство ниту спрема државата ниту спрема давателот на изјавата.

Со оглед на содржината на изјавата се поставува прашање за правниот основ за заверка кај надлежен нотар бидејќи дел од содржината е во директна спротивност со Уставот“, напишал Туфегџиќ на фејсбук, а пренесе Фокус.

Previous articleДоговорот потпишан, Генчовка се изјасни околу македонскиот јазик
Next articleШилегов: Знам една која знае како се станува Бугарка без да бидат отворени преговорите со ЕУ