Home News Проф. Даниловски за Доктори: Одговор на најчесто поставуваните прашања

Проф. Даниловски за Доктори: Одговор на најчесто поставуваните прашања

Нашиот најпознат епидемиолог, проф. д-р Драган Даниловски, за порталот доктори.мк даде одговор на најчесто поставувани прашања околу вирусот.

-Со појавата на варијантата Омикрон се покажа дека не е можно да се сопре ширењето со никакви рестриктивни мерки. Сите соеви на Омикрон се толку брзи (високо заразни), што секогаш ќе бидат први во трката.

Затоа, веќе не беше можна т.н. стратегија на нулта-ковид толеранција, туку стратегија „да научиме да живееме со вирусот“.

Некои земји, како Кина, на пример, и понатаму инсистираа на стратегијата на нулта ковид-толеранција. И продолжија со масовни и многу строги „заклучувања“ (локдауни) на цели градови. За конечно и тие да сфатат дека тоа не функционира. Па и тие почнаа да попуштаат.

Стратегијата „да научиме да живееме со вирусот“ стана можна и прифатлива и заради фактот што Омикрон предизвикува неспоредливо полесна болест од сите претходни варијанти (заради веќе стекнатиот силен имунолошки бедем на популацијата, но и заради еволуцијата на самиот вирус). Тоа особено е видливо со последната подваријанта на Омикрон, БА.5, што се шири и кај нас.

Реалниот број на нови заразени се мери со илјадници (а се регистрираат само околу 2%), но наспроти тоа, процентот на хоспитализирани е само околу 1,8%, а леталитетот (смртноста) едвај 0,5%.

Овие факти, практично, веќе го вбројуваат ковидот во ист ранг со сезонскиот грип, па дури и со настинките. Тој веќе е на пат да стане петтиот член (покрај постоечките четири) на семејството коронавируси, предизвикувачи на настинки.

За волја на вистината, точно е дека некои луѓе, по прележувањето, развиваат симптоми на пост-ковид синдром. Отприлика, 1-3 од 10 прележани ќе се соочат со такви последици. Единствен начин тоа да се избегне е вакцинацијата.

Арно ама, сведоци сме дека расположението за вакцинација е на многу ниско ниво. Оттаму, преостанува вакцинацијата да се препорачува само на високо ризичните поединци (старите лица, оние со хронични болести и со компромитиран имунолошки систем).

Сите други имаат избор, по сопствена волја, на две опции: прво, слободно да се изложуваат на вирусот (и најчесто, лесно да го поминуваат, но и да си го прифатат ризикот за можен пост-ковид синдром) и второ, да се вакцинираат.

Повторувам, тоа е личен избор! Веќе е сосема непотребно и депласирано, државата да врши принуда за било што во врска со ковидот! Доволни беа две и пол години, за секој од нас да сфати како ќе живее понатаму.

Државата има обврска да се грижи само да не дојде до преоптоварување на здравствениот систем! Таа е должна да преземе одредени ограничувања, само ако настане таква закана.

Индикатори за тоа се движењето на бројот на хоспитализираните пациенти и процентот на пополнети кревети во болниците. Не е тоа бројот на нови позитивни (не велам заразени зашто добар дел од нив, всушност, и не се заразени). И толку.

Секако, државата има обврска да изгради систем за згрижување на оние со пост-ковид синдром, со формирање на пост-ковид центри. Но, тоа е друга тема.

Тоа е таа нова реалност, во која, ако сакаме да продолжиме со нормалното живеење, треба да сме свесни дека на тој пат постојат и одредени, постојано присутни ризици, некогаш пониски, некогаш повисоки.

Исто онака, како што со отворени очи и чиста свест прифаќаме да летаме во авион, да се возиме со автомобил или моторцикл.

Не е животот живот, ако се живее во стаклено ѕвоно, зарем не? Време е сите тоа конечно да го сфатиме.

Извор: Доктори.мк

Previous articleДебарлиева и нејзиниот Јован морале да кријат дека се заедно од јавноста, еве каква необична љубовна приказна имаат
Next articleСпасов: Свесни ли се Катица Ќулафкова и Коцарев што прават – нека се прекрстат во САНУ