Home News Новинарот Златев побара од Пендаровски да си ја работи работата, во спротивно,...

Новинарот Златев побара од Пендаровски да си ја работи работата, во спротивно, заедно со бербери, батлери, готвачи… да си даде оставка

Во интервју за неделникот „Фокус“, претседателот Стево Пендаровски, дава предлог како да гласи референдумското прашање доколку се одржи референдумот што го најавува опозицијата по усвојувањето на „францускиот предлог“.

„Колку што разбирам, прашањето нема да биде за уставните промени, туку ќе биде за билатералниот договор со Бугарија и зошто тој влегува внатре.

Ако некој не разбира дека овој билатерален договор, а и со Грција, се оската по која ние продолжуваме кон Европа, и сака тоа да го нема, почесно е референдумското прашање да гласи:

„Дали сакате да одите во ЕУ под вакви услови?“. Без спомнување договори, точки … Опозицијата треба да излезе со чесна формулација и ако е такво прашањето, сите партии треба да излезат на референдум, а не да бојкотираат“, вели Пендаровски.

Шефот на државата смета и дека во таква ситуација треба да се сменат и правилата со цел референдумот да се смета за успешен ако позитивно се изјасниле мнозинство од оние што излегле да гласаат, без разлика дали на гласање излегле над 50 отсто од гласачите.

Идејата за референдум во јавност ја промовираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по што Извршниот комитет на партијата на седница на 21 јули ја поддржа иницијативата.

За прашањето, природата и карактерот на референдумот, рекоа од опозициската партија, дополнително ќе прават консултации со експертската и општествената јавност.

Во интервју за „Дојче веле“ објавено вчера, Мицкоски најави дека во втората половина на август, партијата ќе излезе со прецизни решенија за референдумот, кои како што вели, „ќе значат плебицитарно изјаснување на народот и давање на можност да се урнат овие штетни политики и очигледни блокади“, пренесува порталот 360 степени.

Фокус вчера објави само мал дел од интервјуто со претседателот Пендаровски, кое целото може да се прочита во печатеното издание од неделникот.

Притоа, медиумот како најава, ја објави насловната фотографија од неделникот и насловот, кој гласи: „Македонците се гледаат преку нишан, национално помирување е невозможно“!

Токму ова го испровоцира новинарот и сопственик на „Лидер“, Љупчо Златев, да го прокоментира Стево Пендаровски. Тој во статус на својот профил на социјалните мрежи, напиша:

„Претседателот на републиката дава изјава дека во Македонија не е можно национално помирување.

Да беше Стево Пендаровски политички аналитичар или социолог, ќе ја прифатив оваа изјава како кажување на очигледното.

Но, Стево Пендаровски е претседател на државата, во опис на работно место му е да биде ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СИТЕ ГРАЃАНИ, што значи дека во опис на работно место му е да работи на НАЦИОНАЛНО ЕДИНСТВО!

Доколку не може да си ја работи работата за која го плаќаме заедно со цела ергела кабинет и советници плус батлери, готвачи, бербери, градинари, хигиеничарки, тој што му ја пробува храната да не го откр ујат, итн… тогаш Стево Пендаровски треба да си даде ОСТАВКА!

Затоа што вака е веројатно најплатениот политички аналитичар во земјава… Стварно нема потреба да си ги трошиме парите за вакви замаранции…“

Previous articleШто напиша Ќулавкова во врска со Бугарите и јазикот и што и одговори Георгиевски – преписката беше лани, но актуелна е и денес
Next articleГерманија најави нови правила за престој – познато е што треба да се исполнува