Home News Спасов: Референдумот е за да се има изговор – „што можам јас...

Спасов: Референдумот е за да се има изговор – „што можам јас кога народот не сака”

Статус на Ѓорѓи Спасов: „Референдумот за или против условите за членство во ЕУ

Барањето од ВМРО ДПМНЕ за распишување референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат дали ја прифаќаат преговарачката рамка за започнување на разговорите за членство во ЕУ е стар и веќе виден трик со кој таа партија својата одговорност за гласање во Собранието сака да ја префрли врз дел од своето гласачко тело.

Ако сакаат веќе тој трик да им успее, треба, како во 1994 година кога гласаа на референдум за промена на Законот за територијално разграничување на општините, референдумското прашање да им гласи:”

Дали сте за прекинување на разговорите за членство на Македонија во ЕУ кои се водат со сегашната преговарачка рамка”.

Така ќе можат, да водат кампања, и на таа платформа да си го пребројат потенцијалното гласачко тело за следните избори.

Владината коалиција не би требала да има ништо против таков референдум со такво прашање под услов, ако ВМРО ДПМНЕ како иницијатор за него не успее да собере над 900 илјади гласови, колку што се потребни за успешен референдум, да се согласи да гласа за промената на Уставот во Собранието.

Но, сосема е јасно дека Мицковски и дружината не сакаат таков референдум. Не сакаат да ја мерат подршката од противниците на преговарачката рамка. Знаат и дека дури оние што би гласале на таков референдум за прекинување на разговорите со ЕУ, не е сигурно дека на следните избори би гласале за ВМРО ДПМНЕ.

Во 2004 година на референдумот инициран од Тодор Петров а подржан од ВМРО ДПМНЕ граѓаните одговараа на прашањето “Дали сте за зачувување на досегашното територијално разграничување на општините” со што би се укинал новиот Закон за териоторијално разграничување.

Со тогашната вриштечка националистичка кампања на референдумот гласаа 450 илјади избирачи или 27% од запишаните во избирачкот список, и референдумот беше прогласен за неуспешен.

На првите парламентарни избори по тој референдум во јуни 2006 ВМРО ДПМНЕ освои едвам 300 илјади гласови и само заради некои други околности успеа да формира влада.

Оттука, референдуми за вакви прашања се алатка за да се тргне одговорноста од себе по принципот ” што можам јас кога народот не сака”, шанса за водење партиска кампања, држење на вниманието на јавноста на одредена тема и за пребројување на својата политичка подршка “на државна сметка”.

Но, тие не го решаваат проблемот. Сегашната идеја за референдум е рециклирање на стари и непродуктивни идеи кои во основа, како и да завршат нема ништо да променат.“

Previous articleВладимир: Дали некој во Македонија некогаш успеал да истурка цел месец со платата и да му остане?
Next articleТрифун Костовски кажа на кој датум ќе ја објавел „вистината за Еуростандард банка“