Home News Героски: Не ја познавам вработената во „Комунална“ Бранѓолица, но ова што го...

Героски: Не ја познавам вработената во „Комунална“ Бранѓолица, но ова што го направи младиот колега ми личи на упад

Пред два дена, во просториите на „Комунална хигиена“ се случи ин цидент, по кој новинарот Фуркан Салиу објави видео и рече дека му бил одземен мобилниот телефон од страна на службеничка во претпријатието.

Реагираше и ЗНМ, од каде го осудија ваквиот чин, а денес се огласија и од МВР.

-Во врска со пријавено кривично дело „самовластие“ по член 392 став 2 од Кривичниот законик, пријавено на 8 август 2022 од страна на Ф.С., новинар од ТВ Клан, а сторено од А.М.Б., вработена во ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје во просториите на претпријатието, преземени се соодветни мерки и активности и случајот е расчистен, информира денеска МВР.

– Од страна на полициски службеници превземени се мерки и активности за документирање на кривично правниот настан, при што на 09.08.2022 во просториите на ЕНК ОНК при СВР Скопје повикана е А.М.Б., која го одземала мобилниот телефон на оштетениот Ф.С. и со неа е извршен службен разговор во врска со пријавеното кривично дело.

Исто така, на 09.08.2022 година во просториите на ЕНК ОНК при СВР Скопје повикан е С.К., вработен во ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, кој бил присутен за време на настанот, се наведува во соопштението на МВР.

Овој настан го прокоментира и новинарот Бранко Героски, сопственик на порталот Плусинфо.

-Денеска прочитав дека новинарот Фуркан Салиу поднел кривична пријава против извесна Ана Марија Бранѓолица, портпаролката на ЈП Комунална хигиена.

Не ја познавам г-ѓа Бранѓолица, а ни младиот колега Фуркан Салиу не го познавам лично. Затоа, мислам дека можам да кажам некои работи од позиција на неутрален посматрач на настанов регистриран на видео-снимкава.

Пред се, мене ова ми изгледа на еден некултурен, а можеби и нелегален упад во канцеларијата на г-ѓа Бранѓолица. Не знам дали младиот колега ѝ се најавил за разговор, дали евентуално бил одбиен, но гледам дека тој и неколку други лица прилично „каубојски“ влегуваат и ја вознемируваат жената.

Освен тоа, не ми е јасно каква врска има телефонот на Фуркан (не го оправдувам одземањето), кога очигледно е дека некој целиот настан го документира со камера.

Дали камерата е тука за да го снима новинарот како тој снима со мобилен телефон? Каква е смислата на тоа? Освен да се направи филмче за добриот новинар кој со својот мобилен телефон ете се справува со една лоша портпаролка…

Не е пресудно, но сепак е важно. Младиот новинар е облечен во куси пантолани и на портпаролката ѝ се обраќа со „ти“. Тоа е непристојно и дрско поведение. Лето е, на работа и јас доаѓам по куси пантолани, но не ни помислувам така облечен да влезам во било која институција.

Секогаш кога разговарам со извори на информации, им се обраќам со „вие“ (ги прашувам и дали имаат време за кус разговор и дали им пречам во работата), дури и кога разговарам со луѓе кои се дваесет или триесет години помлади од мене.

Мојот општ впечаток е дека во случајов станува збор за класична новинарска „заседа“ или „упад“, нешто што не е во согласност со етичките стандарди на новинарската професија. Но ете, влезе таа работа во мода.

Заслугите за таа нова мода му припаѓаат на оној поликлинички случај, кој прв почна да брка луѓе по улици со мобилен телефон и да им поставува „храбри“ прашања…

За жал, гледам дека сега многу млади новинари обожаваат да се снимаат себеси „во акција“, во обид на публиката да ѝ прикажат колку им е тешко на „напатените“ македонски новинари во битката со разните „нетранспарентни“ и опасни типки и типчиња, а посебно во битката со безобразните „тајкуни“.

А богами, гледам дека некои моќници во институциите ги поддржуваат новинариве глумци и од сенка ги сервисираат со разни „ексклузиви“.

Previous articleПред малку се огласи Димса Арсовски и одговори кога, како и зошто бил во Монте Карло
Next articleОва е пејачката од Скопје која благодарение на Бреговиќ стана позната во целиот свет, има интересна животна приказна и причина за славење