Home Live Отец Пимен раскажа како пред 25 години сè почнало

Отец Пимен раскажа како пред 25 години сè почнало

Митрополитот Европски, Владиката Пимен, важи за еден од најотворените владици во синодот на МПЦ, народен човек кој прифаќа разговор со секого, но дозволува и критика на своја сметка.

Па така, на сите навреди од страна на „фарисеите“ на својот профил на социјалните мрежи, отец Пимен одговара со насмевка и им посакува добро здравје и простување на гревовите.

Денес, дедо Пимен, се потсети како пред 25 години сè почнало, на негвиот духовен потстриг, под раководство на возобновителот на монаштвото во Македонија и како што многумина го нарекуваат „живиот старец“ во Православието општо, Владиката Струмички Наум:

„На денешен беше. Мирното Водочко манастирско утро почна многу рано тој ден. Високопреосвештениот митрополит Наум уште вечерта ни даде послушание да тргнеме за Лесново и толку ни требаше.

Тргнавме и рано, рано стасавме. Тој беше седнал на дрвените скали на Лесновскиот конак. Праша кој празник е тој ден.

-Св. апостоли Сила и Сулуан. – одговоривме.

-Отец Иларион, дај ми два стихари, ќе правиме чтеци денес.- довикна кон домаќинот.

Стихарите земени и се упативме во пештерската црквичка над манастирот каде и светиот старец Гаврил Велички често знаел да отслужи литургија.

Две потстрижувања за чтеци и две нови имиња дадени на новите искушеници. Пимен и Арсениј. И минуваат цели 25 години денес.

Слава Му на Бога и на Авва Пимен Великиот, четврт век еве го носам неговото име. Дестојно или недостојно не знам нит јас, нити пак некој од вас. Оти последниот суд е на Господа.

Ама за жал има и луѓе кои немајќи своја работа, му ја замаат и судската работа на Бого. Мислат ете ќе Му помогнат со своите судови, заборавајќи дека со тоа Нему Му отвараат повеќе работа.

Та нели е речено: Не судете за да не бидете судени. И со каква мерка мерите со таква ќе ви се мери.

Живи и здрави да бидеме. И христијански крај на нашиот живот да ни дарува Животодавецот, та и после Судот последен заедно да бидеме сите горе на Небесата.

Таму лесно ќе се трпиме еден со друг. Дури и ќе се радуваме еден на друг.

Љубомората, пизмата, клеветата не продолжуваат со нас после смртта. Само љубовта ни останува.

Така да, не се правете лоши. Не се мразете, не се напаѓајте, не се јадете. За многу години мили ем драги мои!

Previous articleПо подолго време, во јавност се појави Васил Тупурковски – еве како изгледа денес, некогаш највлијателниот политичар од Македонија (ФОТО)
Next articleKсенија Николова: Процесот пред да дојдеме до првото ин витро, беше ,,песна”, споредувајќи со она што следеше после тоа