Home News Се огласија од болницата Жан Митрев, кажаа дека ќе соработуваат и објаснија...

Се огласија од болницата Жан Митрев, кажаа дека ќе соработуваат и објаснија за хемофилтрацијата

Судија на претходна постапка го прифати предлогот на скопското Јавно обвинителство и донесе одлука да му го одземе пасошот на доктор Жан Митрев, како мерка на претпазливост поради опасност од бегство.

Оваа мерка доаѓа откако Јавното обвинителство – Скопје вчера донесе одлука за поведување на истражна постапка против сопственикот на приватната клиника за кривично дело Измама на пациенти.

Како што објави ИРЛ, обвинителството бара мерки за претпазливост бидејќи постојат индиции доктор Митрев да ја напушти земјава.

„Осомничениот, во периодот од април 2020 година до 2022 година, со намера за правно лице – приватна здравствена установа да прибави противправна имотна корист, со лажно прикажување факти, ги довел во заблуда пациентите лекувани од КОВИД 19 со методот на хемофилтрација“, соопшти денеска Јавното обвинителство, пренесе ИРЛ.

Вчера, во две соопштенија, од болницата Жан Митрев излегоа со обраќање до јавноста:

-Во врска со денеска објавените информации би сакале да информираме дека денеска д-р Жан Митрев по уредна покана на ОЈО беше таму и даде своја изјава. За понатамошниот развој ќе ве информираме соодветно.

Клиника Жан Митрев и сега и понатаму целосно соработува со институциите за кои и да било случај. Ние како Клиника досега, а и понатаму работиме целосно транспарентно и во интерес на пациентите. Овој однос не е само кон надлежните институции и тела во државата, туку е и кон нашите пациенти.

Знаејќи ја вистината и водејќи се според високите стандарди на работа ќе помогнеме за откривање на фактичката состојба и ги ставаме на располагање сите наши материјални и човечки капацитети за да излезе вистината во јавноста.

Искрено веруваме дека само со транспарентен однос и отворена соработка можеме да и служиме на вистината и на етичките и моралните вредности според кои работиме.

Стапката на успех во третманот на пациентите со Ковид-19 во Жан Митрев клиника изнесува 74,6%. Според деталните болнички извештаи во Жан Митрев клиника биле хоспитализирани вкупно 1738 третирани пациенти, од кои 1296 преживеале.

Во вкупниот број пациенти хоспитализирани во клиниката спаѓаат и пациенти дојдени од други здравствени установи. Оваа стапка на успех во лекувањето е повисока од националниот македонски просек според последните податоци на Институтот за јавно здравје.

Според овие извештаи “процентот на успех” кај хоспитализирани пациенти исклучиво третирани и лекувани во Жан Митрев клиниката е сличен на просекот направен во 200 германски болници, каде просечното преживување изнесува 78%.

Стапката на преживување според исти студии направени во повеќе земји се движи од 30 до 80 проценти, така во Велика Британија е меѓу 50-89% во зависност од бранот, во Шпанија изнесува 64,4%, во Америка е 80,3%, а во Бразил се движи меѓу 61,6-75,4%.

Хемофилтрацијата претставува само еден дел од спектарот методи и пристапи коишто се користат за лекувањето на пациентите.

Третманот на пациентите во Жан Митрев клиника се дефинира според тежината на болеста на прием, клиничката слика општата состојба на пациентот, дали се присутни коморбидитети, колку е критична состојбата и други клинички варијабли.

Хемофилтрацијата како метод во третман на Ковид-19 има ургентно одобрување од Американската агенција за лекови (FDA) со јасно дефиниран индикационен опсег. Тоа ја прави примената на хемофилтрацијата во овој случај легитимна.

Ова одобрување е еквивалентно на тоа за вакцините. При ургентно одобрување од ова највисоко авторитетно регулаторно тело, третманот не може да се смета за небезбеден, неиспитан и нетестиран.

Затоа, примената на хемофилтрацијата во пандемија според упатство за работа во рамките на одобреното индикационо подрачје, во дози и начин кој е пропишан за негово користење нема статус на клиничко испитување и не е предмет на регулативата за добивање одобрение за клиничко испитување, а со тоа и потпишана информирана согласност од страна на пациентот.

Previous articleСпенџарска, зошто не го покажеш дечкото во јавност: Македончето не се научи дека може да си направи ремек-дело од својот живот, па проговори за дечкото
Next articleЈулија Мациевска: Мајка, која го изгубила своето дете, плаче… многу поинаку од секој плач, од дното на душата