Home Live Во Ванила кај Чичко Стоилко на неизбежната Принцес крофна и лимонада, еклер...

Во Ванила кај Чичко Стоилко на неизбежната Принцес крофна и лимонада, еклер и Срнеча леџа- најпозитивниот скопски лик потсети како се живеело некогаш

Еден од најпозитивните ликови во пандемијава, Денис Јанкуловски, медицинскиот техничар од Центарот за јавно здравје познат како Космонаутко во една прилика има изјавено дека тој не пие кафе.

Но, и без оглед на тоа, уште пред пет наутро, тој е расонет и свеж. Стануваше онлајн друштво за кафе на многумина уште во 6, кога на Фејсбук јаа пееше својата прва песна.

Досега, за да нè развесели во ова лошо време, има испеано 600 песни, од Тоше, преку Здравко Чолиќ до Дејвид Боуви.

Повеќето ѝ се посветени на неа, неговата Билјана која му е љубов на прв поглед од студентските денови, а денес се родители на два сина.

-Растев во период кога дружбата ни беше водилка во животот, па така и спомените од детството се бројни и прекрасни.

Се’ уште ги памтам секојдневните проштеки на новогодишниот панаѓур на Сајмиште, кога мислам дека цел ден одев прво како мал со моите потоа и сам и со другарите низ сите пет преполни и шарени хали.

Купувањето лампиони во секакви форми, тоа беше вистинско уживање за мене. Незаборавни ми се и деновите кога „Жена парк“ беше претворен во детска бајка со сите оние слики од приказните како Снежана, Пепелашка, Петар пан.

Па убавината во договарањето каде ќе славиме, кај кого, кој што ќе донесе односно чија мајка што ќе направи, хаха. Но, магијата мене ми беше во честитките. Од тезга на тезга на плоштадот, мислиш дека си купил доволно и на наредната тезга пак купуваш.

Отсекогаш огромен кеиф ми било да пишувам, да праќам честитки, да ставам под клупа на соучениците, да ставам во сандачињата кај што живеам, да пратам на роднините. Тоа е нешто што за мене е волшебство.

Излегувањата, оние поозбилните почнаа откако се запишав во средно училиште, на почетокот беше до 10 дома, што значи имаше една 24ка која тргаше во 21:20 (уште ја памтам, беше многу битна) и со неа се прибирав пред 22 часот.

Нормално знаеше да има „страшна гужва“ и да задоцнам некојпат ама моите не правеа проблем.

Актуелно беше прво во некоја слаткарница на индијанка или принцес крофна, најчесто „Југославија“ кај кино Вардар, „Пошта“ или „Крин’. Потоа одевме „на стајање“ пред Ани и Бони од каде имам една непријатна случка.

Тогаш стоевме на улицата пред грчка амбасада, никако не смеевме да се поткачиме на тротоарот. А гужва, што да ви кажувам.

И во таа турканица колку и да се пазев сепак еднаш ме поттурнаа на тротоарот и во следните 3 секунди ја осетив моќта на пендрекот. Оттогаш секогаш стоев од страната на 7-ца.

Подоцна, откако моите ми го продолжија „Мој термин“, продолжувавме во „Коко“, „Мејк ап“, Кристијан, 23 ка и многу други места каде бевме пресреќни ако начекаме гратиси за некоја од дискотеките, „Хард рок“, „Естрада“, “Горила“, МНТ…

А оттаму, онака гладни во 4-5 наутро свраќавме на тазе бурек во „Меџик“ кај Грчка амбасада или накај дома во некоја бурекџилница на Чешма. Убав беше животот, дали дека во тие години па со други очи гледав но дефинитивно поубаво, помирно, подружељубиво, поискрено и попријателски“, кажа Денис во Женски магазин.

Денис денес напиша еден интересен статус кој се однесува на нашето денешно живеење и немањето време да се дружиме.

– Традиција. Од прваче натаму, т.е. од ’78 секој 1ви септември традиција на Јанкуловски ни беше после школо, значи во 15ч бидејќи учев во целодневна настава, со моите родители да одиме во Турска чаршија (јас така си ја знам), седнувавме “Кај сердарот” и по 10ка со ТиКа да мавнеме.

Оттаму во Ванила кај Чичко Стоилко на неизбежната Принцес крофна и лимонада, татко ми еклер а после специјално за мајка ми во Крин на Срнеча леџа. Следна дестинација – Југотон на частенка некоја актуелна касета и 2 празни TDK D 60.

Често, да не речам секој 1ви купував патики или од Борово или од СловенијаШпорт освен ако немав купено летото од Грчка. Вечерта пред зграда со другарите, сунцокрет за 20, камај, жмурки…

Вредности Не кебапите, лимонадата, касетите, не се тие пресудни во приказнава туку заедничкиот момент, дружбата. Моментите на несамотија која ја имав како единец.

Овие традиција и вредности си ги продолживме и со либето ми и момците додека беа мали, во друга различна форма, најчесто одевме “Кај Злате”, или ќе порачавме пица, но најбитно се’ тоа го правевме ЗАЕДНО.

Можеби времињата се сменија, начинот на живот, немањето доволно време за другите па ни за себе. Ниедно време не може и не смее да не’ одземе едни од други. Немаме, но мора да имаме време за блиските, за дружбите затоа што животот лета побрзо од куршум.

Ај да се видиме… немам кога, верувај… абе сакам да се видиме… Најдете време, работата, бизнисот може да почека. Животот не чека. Одолговлекувањето некогаш значи и губење шанса за средба.

Со среќа ученици, со среќа Учители и родители. Одете на кебапчиња. Дружете се“, напиша Јанкуловски.

Previous articleНема лабаво – Ламбе засука ракави и седна да прави зимница
Next articleКако неславно заврши еден од најславните актери во Југославија, го обожаваа сите, и млади и стари