Home Live Трифун Костовски за првпат раскажа како ја оформил Кометал: Како се калеше...

Трифун Костовски за првпат раскажа како ја оформил Кометал: Како се калеше челико

Статус на Трифун Костовски: Мојот другар Кире

-Денес ќе пишувам за мојот другар Кире Брзилов, роден гевгеличанец кој поголемиот дел од животот ќе го помина во Скопје и Киев.




Со Кире сме врсници и втори братучеди по мајчина линија. Првото дружење ни започна уште од најмали нозе кога нашите мајки, први братучетки, негувајќи ги семејните и роднинските врски нѐ учеа да се почитуваме и ние, новите генерации како втори братучеди, а потоа и нашите деца и внуци да продолжат до трето колено, четврто и петто колено…




Кире беше невообичаено талентиран за сите спортови кои се практикуваа во тоа време, како фудбал, ракомет, кошарка, тенис и одбојка. Со еден збор, не постоеше спорт за кој Кире немаше фат или во превод талент.

Другарувањето почна во гимназиските денови по катастрофалниот земјотрес во Скопје. Заедно бевме дојденци во Гевгелија поради земјотресот во Скопје и го продолживме школувањето во гевгелиската гимназија ,,Јосиф Јосифовски Свештарот”.




Јас бев јазична, а Кире математичка насока. Тоа беа денови на другарувања по гимназиските ходници, особено на спортските терени или по бреговите на реката Вардар, каде се забавувавме во еден прекрасен природен амбиент на меѓусебна почит.

Меѓу нас другарите уште тогаш не постоеше личност која покажува карактерни црти и афинитети за вонзаконско работење или делување. Сите другари во Гевгелија имавме еден заедничкиот именител, а тоа беше домашно воспитување.




Вечерните часови ги минувавме најчесто во Вила Тина кај нашиот другар Ноне или талкавме по куќите на нашите симпатии правејќи серенади.

Од оваа дистанца на минато време, тоа ми делува толку романтично што многу често ме поттикнува да правам компарација меѓу тогашниот начин на живот или живеење и денешните генерации кои ги минуваат истите години како и ние, ама под сосема други услови.




Со Кире завршивме економски факултет и скоро во исто време се вработивме во надворешно-трговските претпријатија, тој во Макотекс, а јас во Технометал-Македонија. Несомнено Технометал-Македонија со спојување со фирмата Вардар увоз-извоз стана многу посилен играч на полето на меѓународната трговија отколку Макотекс во бившата СФРЈ.

И ние вработените во Технометал Вардар имавме поголеми можности во споредба со вработените во Макотекс да напредуваме и да се развиваме во надворешно-трговско работење.




Во 70-те и 80-те години од минатиот век Технометал-Вардар беше меѓу првите 10 најголеми увозно-извозни фирми по промет во тогашната СФРЈ.

После распадот на СФРЈ сите надворешно трговски фирми во Македонија претежно функционираа на клириншкиот пазар, а тоа значи најголем дел од надворешно-трговскиот промет се работеше со бившите членки на Варшавскиот пакт на чело со Советскиот Сојуз, каде не постоеше тврда валута, туку постоеше т.н. клиринг, а тоа во превод значи потпишување на стокови листи за размена меѓу тогашната СФРЈ и сите членки на Варшавскиот пакт за избалансирана стокова размена.




Се извинувам што користам терминологија која веќе е дамнешно минато, ама како што мудроста вели да не се заборави патот по кој „се калеше челико“.

Макотекс, многу тешко го преживеа распадот на СФРЈ и беше прашање на време кога оваа фирма ќе згасне.Технометал-Вардар беше посилен, бидејќи во својот систем покрај увоз-извоз, имаше внатрешен промет и малопродажба, па успеа да опстане три децении во независна Република Македонија.




Почитувани, во колумната посветена на мојот другар Кире пишувам и за многу историски моменти врзани за моето минато работно искуство.

За разлика од Кире јас имав можност да излезам како делегат во Полска, каде се стекнав со големо искуство за функционирањето на т.н. бартери во превод , размена на стоки.




Со распадот на Варшавскиот пакт, а следователно на него и сите распади кои се случија на сите земји членки на оваа воена организација, ми беше јасно дека системот на големи фирми изградени во бившата СФРЈ, базирајќи се на еден биполарен свет, немаат иднина. Одлучив да ја напуштам позицијата директор на хемија во Технометал –Вардар и да заминам во Полска, потоа Австрија и да отворам сопствен бизнис.

Технометал-Македонија, а потоа Технометал –Вардар беа моите учители за она што го доживеав во мојот натамошен професионален живот.




Ја формираф фирмата Кометал која исклучиво се занимаваше со купување и продажба на железна руда, агло-руда, железни палети и кокс. Ние, луѓето кои имавме искуство стекнато од позиција на бившата СФРЈ во работењето со Источно-европските земји бевме првите пионери кои успеавме да се наметнеме со своето знаење и искуство во трговијата меѓу членките држави на бившиот Варшавски пакт.

Ние, трговците од бившите ЈУ простори, наоружани со знаење, бевме вистински мелем за земјите од Варшавскиот пакт кои многу тешко го преживеаа преодот од комунизам во капитализам.

Мојот бизнис се ширеше со светлосна брзина и како Кометал отворив претставништва во Русија, Украина, Кина и Варшава. Главното седиште ми беше во Виена.

Кире соочен со реалноста на Макотекс на сосема другарски начин ме праша „Пуни има ли негде да работум?“ Јас Кире го испратив во претставништвото во Киев каде работеше полни 12 години и од таму си замина во пензија.

Кире е син на татко Митко Брзилов и мајка Ценка. Митко Брзилов е првоборец од Гевгелија во Втората светска војна, чиј споменик и денеска стои во центарот на Гевгелија.
Ќе ми дозволите да опишам еден мал момент од релацијата помеѓу мајка ми Олга и мајката на Кире Ценка.

Олга и Ценка беа на иста возраст. Мајка ми беше болежлива и во последните години од животот неподвижна. Ценка исто така беше болежлива, ја мачеше сериозна тромбоза на нозете, меѓутоа не испушташе ниту еден ден да ја посети мојата мајка Олга, носејќи ѝ нешто свежо купено од пазарот или пак некој подарок на кој мајка ми невообичаено многу се радуваше.
Радоста на мајка ми не беше поради зеленчукот или подароците туку поради фактот дека не е заборавена од Ценка.

Кире си замина од овој свет пред три години, не ја доживеа пандемијата Ковид-19 . Болеста го изеде за неполни 4 месеци. Шест месеци пред неговото заминување, ние игравме фудбал, а неговата весела насмевка и смисла за хумор и денеска ме асоцираат на чесен и достоинствен човек до последен здив. Човек кој секогаш внимаваше на себе и на најблиските од семејството и другарите, но истовремено и почитуван од сите, особено од сопругата Зорица и нивните две прекрасни ќерки.

Нема да го заборавам моментот кога по дочекот на Новата 1964 година, на 1 јануари сите малце поднапиени, во малата фонтана во центарот на Гевгелија, Кире одеднаш ја нурна главата во ладната вода.

Замислите 1 јануари, кочан зима и трезнење со ладна вода! Објаснувањето му беше едноставно, со шармантната и искрена насмевка кажа: „да са утрезну“. Кире, вечно ќе те паметиме јас и сите твои другари.

Previous articleПрвата дама Елизабета и претседателот Пендаровски се поклонија и се запишаа во книгата на жалост
Next articleАнета Наковска како птица преселница си летна од Македонија, во топлите краишта