Home News Проф. Трајковски: Да не испадне дека кобам, ама дневните броеви на нови...

Проф. Трајковски: Да не испадне дека кобам, ама дневните броеви на нови случаи започнаа одново да растат во Франција, Германија, Австрија

Професорот по Механика од Битола, Дејан Трајковски, во изминатиот пандемиски период, постојано правеше анализа на официјалните ковид бројки кои ги објавуваше Министерство за здравством и со прилично точни прогнози го следеше порастот или падот на новите случаи.

Пандемискиот вирус во последните месеци загуби од својот интензитет, а врвните епидемиолози уште од поодамна најавуваат дека ковид ќе стане сезонски вурус, налик на грипот.

Светската здравствена организација, а и многу државници, најавија прогласување крај на пандемијата.

Сепак, професорот Трајковски, во својата вчерашна анализа укажува дека во некои земји ковид бројките почнуваат повторно да растат и апелира на будност, а објаснува и зошто!

„21.09.2022. Да не испадне дека кобам, ама дневните броеви на нови случаи започнаа одново да растат во Франција,

Германија, Австрија, Словенија и во некои хрватски жупании (окрузи, околии, по македонски), коишто се граничат со Словенија. Секоја година во овие земји порано започнуваат брановите поради постудената клима.

Во Македонија релативно скоро беше постигнат врвот на летниот бран и населението во просек се уште поседува солиден колективен имунитет.

Освен тоа, кај нас се уште е релативно силен надолниот тренд на дневните броеви, така што насоката не може веднаш да се реверзира нагоре, барем не во следните неколку недели.

Сепак, веќе ги забележуваме првите сигнали за наближување на дното, односно долот на бранот. Додуша и малиот број на тестирања за 8 септември ја наруши неделната динамика и донекаде ги искриви индикаторските криви, но во следните денови и недели ќе добиеме подобра слика.

Застојот е најзабележлив кај активните случаи, чиј број не сака да оди надолу во последниве десетина дена (жолтата и црвената линија на првиот дијаграм).

Исто така, се забележува извесно забавување и во намалувањето на дневните броеви на нови случаи (зелената линија на вториот дијаграм).

Ефективниот репродукциски број Rt има се уште вредност под единица, но постепено се приближува кон неа.
Во некои земји веќе започнува да се шири новиот подсој BA2.75 на омикрон сојот, но тоа не мора да биде пресудно.

Доколку тој има поголема преносливост, тогаш би го истиснал сегашниот доминантен подсој BA5, па тој би „изум рел“ како и неговите претходници.

Сепак, дури сегашнот сој и да не биде заменет со друг, тој би продолжил да „вирее“ меѓу населението преку целата година, а болеста би постоела како ендемија, којашто повремено (еднаш или два пати годишно) би се засилувала до помали или поголеми епидемиски бранови, нешто слично како грипот.

Сепак, најновите пресметки на леталитетот кажуваат дека дури и сегашниот подсој BA5, колку и да изгледа питомо, речиси како „природна вакцина“, сепак носи 2,5 пати поголема стапка на леталитет од грипот.

Досегашните пресметки за леталитетот беа корегирани со подолгиот временски интервал од дијагностицирањето до смртниот исход, којшто кај најновиот сој изнесува околу 30 дена (за разлика од поранешните 18,5 дена).

Така, од 15 јули до 20 септември, за 65 дена, во нашата земја починале 185 лица, додека во временскиот интервал од 15 јуни до 20 август (исто така 65 дена, само временски поместен за 30 дена наназад), биле дијагностицирани 25.113 нови случаи.

Оттука ја добиваме збирната стапка на леталитет (некорегирана според возраста) од 0,74%. Оваа стапка е двојно пониска од стапките на подсоевите BA1 и BA2 на омикрон сојот и околу 5 пати пониска од стапката на вуханскиот, алфа и делта сојот.

Сепак, ни 0,74% не се малку, после сите овие вакцинации и прележувања во изминатите 2,5 години. Ковид 19 се уште останува подмолна болест што заслужува внимание.“

Previous articleГоран Пандев го кажа она кое никој не го посакуваше – става крај на својата богата кариера
Next articleПосветен татко- Висар Вишка објави прекрасна слика од ќерката и упати емотивна порака, ги стопи пријателите (ФОТО)