Home News Ковачевски: Не ја чекавме ние Данела со трубачи пред штаб, се знае...

Ковачевски: Не ја чекавме ние Данела со трубачи пред штаб, се знае кој ја чекаше и чие решение е таа

По отворената покана за дијалог околу енергетската криза, од страна на лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, до премиерот Димитар Ковачевски, премиерот вчера одговори на својот профил на социјалните мрежи:

„Економскиот совет во проширен состав, е формиран во рамки на Владата, со цел во кризни времиња, во широка консултација, да се донесат сеопфатни и издржани одлуки во интерес на граѓаните.

На овој Економски совет секогаш, и во време на корона кризата, покана имале сите чинители, претставници на опозицијата, стопанските комори, претседателот на ЗЕЛС, професори од академската заедница, со единствена намера да се креираат најдобрите решенија за економската иднина на државата.

На последниот Економски совет во проширен состав, покана беше испратена и до ВМРО-ДПМНЕ, но, за жал, ниту еден претставник од опозициската партија не се појави.

Поканата за нив останува отворена и за следниот Економски совет кој ќе се одржи оваа среда во 12:00 часот. Владата е отворена и тие се секако добредојдени да ги презентираат решенијата кои ги имаат.

Во врска со понудите кои ВМРО-ДПМНЕ ги споменуваат деновиве во медиумите, со оглед на ургентноста, верувам дека веќе и ги имаат доставено до ЕСМ како што побара и предочи директорот на компанијата, со оглед на фактот дека тоа е институционалната процедура по која државата може да постапи.

Во оваа насока, сметам дека е потребно да потенцирам дека економските политики се креираат институционално, во Владата на Економскиот совет, со учество на сите засегнати страни. Одлуките пак се носат на владини комисии и седница, не на партиски штабови и со помош на партиски структури.

Оваа тешка зима и економско-енергетска криза ќе се преброди само доколку сите сме насочени кон изнаоѓање на решенија кои ќе обезбедат енергенси, струја и храна за граѓаните.

Ова не е време за политички поени и лицитации, покани за дуели и средби туку време за работа, за заедништво и за креирање на политки за добробит на сите граѓани.“

Денес, Ковачевски на новинарски прашања, проговори и за нападите кон него изминатите десетина дена:

„Јас сум веќе две недели под константни напади од страна на ВМРО – ДПМНЕ и тоа со конструкција на најдолни лаги.

Во однос на првата се обратив на Собранието, каде што точно можеа да чујат сите граѓани, а во однос на оваа сметам дека треба да се извинат, затоа што јас 22 години сум работел во приватниот сектор на најтранспарентен и најзаконски начин.

Не може да прават конструкции од тоа како функционираат компании кои се независни во своето работење и кои функционираат врз основа на закони.

Дали тоа значи дека ќе има тужби или не тоа не може да зависи од мене, јас не сум ниту правник ниту адвокат, но сепак сметам дека тоа треба да го направат бидејќи конструирале лаги“, рече премиерот Ковачевски.

Тој смета дека лагите и конструкциите што се прават за него овие две недели се пуштаа за да се тргне вниманието на јавноста која бара одговори за тоа што се случувало со тендерот од 136 милиони евра во скопски „Водовод“, оти неговата партија го обвинила токму лидерот Христијан Мицкоски.

„Ниту јас го обвинив, ниту СДСМ го обвини. Него го обвини ВМРО-ДПМНЕ, партијата во која што е претседател, затоа што градоначалникот на Скопје е од ВМРО – ДПМНЕ.

Данела Арсовска ја чекаа со трубачи во ВМРО ДПМНЕ, не ја чекаа во СДСМ со трубачи. На митинзи кој ја фалеше?“, рече премиерот откако новинарите му забележаа дека официјално, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска беше независен кандидат, поддржан од ВМРО – ДПМНЕ, рече Димитар Ковачевски, а пренесе А1 он.

Previous articleПрвиот комшија го тужи Бреговиќ, а eве што на суд рекол познатиот композитор за спорната градба и каменот
Next articleИ Игор Џамбазов оди во Америка по Илина, ќе си замине ли нашиот познат актер од Македонија?