Home News Тања Каракамишева: Бев стаписана и изненадена – цела група од околу 70...

Тања Каракамишева: Бев стаписана и изненадена – цела група од околу 70 луѓе, стоички ми аплаудираше

Професорката Тања Каракамишева предава на скопскиот правен факултет, а вчера на својот профил на социјалните мрежи, објави случка од која била трогната:

„Во чест на денешниот ден, денот на учителите, наставниците, професорите, ќе споделам со вас едно многу убаво искуство што ми се случи вчера, а кое трајно ќе остане врежано во моето сеќавање и сигурна сум дека никогаш нема да го заборавам.

Вчера во 12 часот во амф. бр. 4 на Правниот факултет ги имав првите предавања по Политички систем во зимскиот семестар, прв пат после две години се вративме во живо со студентите од втора година на правните студии.

И ќе речете, добро де, редовна активност на секој професор.

Да, навидум е така, додека не се појавив пред вратата на амфитеатарот.

Внатре ме дочека преполн амфитеатар со повеќе од 70 студенти кои во моментот кога влегував во салата сите до еден станаа од столчето и почнаа да аплаудираат.

Бев стаписана од моментот, бев изненадена од гестот на целата група, бев воодушевена од постапката на сите нив.

Не очекував таков прием, ни најмалку не се надевав дека ќе добијам таква почит.

Оваа генерација студенти, ете, сосема неочекувано, успеа да ми ја врати помалку разнишаната верба во младите генерации.

Се уште вистинските вредности постојат и се тука меѓу нас, само треба да ги препознаеме и да ги негуваме.

Сосема е сигурно дека почитта враќа почит, вложувањето во професијата вродува со плод, разбирањето и емпатијата враќаат разбирање и љубов.

Минатиот семестар кога со оваа група работевме онлајн навистина беше тежок и неизвесен.

Но, заедно успеавме да ги пребродивме сите искушенија, заедно си помогнавме да издржиме во неизвеснота и еве сега заедно чекориме понатаму, во нов семестар со нови побогати содржини и уште подобри предавања.

Ви благодарам мои драги студенти за целата среќа што ми ја даривте вчера!

Ми подаривте еден момент кој трајно ќе остане во моето сеќавање! Нема поубава професија од мојата!“

Previous articleОбјава на Никола Димитров која зачуди многумина: Приказната е вистинита, мене ме допре
Next articleПратеничка од СДСМ му реплицираше на Бугаринот Јорданов: Јас сум Македонка и зборувам на македонски јазик