Home News Ковачевски: Јас сум наследник на Киро, Бранко, Љубчо и Заев, Мицкоски е...

Ковачевски: Јас сум наследник на Киро, Бранко, Љубчо и Заев, Мицкоски е наследник на Никола

Премиерот Димитар Ковачевски вечерва го осуди условувањето на ВМРО-ДПМНЕ кон пратениците кои потпишуваа нотарски изјави дека нема да гласаат за евентуалната промена на Уставот и вметнување на бугарското малцинство.

Ковачевски вели дека разговарал со многу лидери на други земји и оти „тие немаат видено пример да се ограничува право на пратеник во Собрание со нотарски изјави“ на ваков начин.

„Сметам дека секој пратеник треба да биде слободен во својот избор. Зошто не би се поддржале уставните измени? Има една разлика меѓу мене и Мицкоски.

Таа е следнава: Мицкоски им нуди на граѓаните да бидат горди, сами и изолирани на мала маса. Јас им нудам да бидат достоинствени, со крената глава и да седиме на големата маса во Брисел.

Ковачевски порача дека секој пратеник треба да биде свесен за улогата која што ја има во Собранието и дека одлуките што се носат ја одредуваат иднината на генерациите што доаѓаат.

Повеќе претставници на власта во изминативе месеци изразија увереност дека Уставот ќе биде сменет уште од овој актуелен состав, во кој на власта ѝ требаат уште 17 пратеници за да стигне до бројката од 81 и двотретинското мнозинство за вметнување на Бугарите во Уставот, кое е предуслов за продолжување на пристапните преговори со ЕУ.

Ковачевски вечерва рече и дека Владата е стабилна и парламентарното мнозинство овозможува нејзино непречено функционирање и покрај случувањата во ДУИ.

„Имам редовни состаноци со Али Ахмети, но не можам да се мешам во нивните внатрепартиски работи“, рече тој, додавајќи дека не може да зборува во име на пратениците, но смета дека од тројца пратеници на оваа партија Владата и натаму ќе има поддршка.

Ковачевски рече дека за влез на Алијанса за Албанците во Владата не е разговарано со новиот лидер Арбен Таравари, но рече дека „секоја поддршка на европскиот пат на државата и на носење мерки за справување со економската и енергетската криза и со сите предизвици на државата смета дека е поддршка за која треба да се разговара и да се поздрави“.

„На последниот настап во Парламентот кажав дека сега е време кога треба да се обединиме зашто имаме пред нас остварување стратешки цели на државата – продолжување на патот кон полноправно членство во Европската Унија и овозможување на најдобар начин да се справиме со енергетската и економската криза во која се наоѓа и државата и целиот европски континент.

Со господинот Таравари се немам видено, но секогаш сум имал контакти со пратениците од партијата Алијанса“, рече Ковачевски.

Тој не смета дека има потреба од формирање широка коалиција во која би била и ВМРО-ДПМНЕ, како во 2001 година, затоа што, рече, не смета дека во моментов државата се наоѓа во политичка или во воена криза.

Премиерот додаде дека партијата што ја предводи, Социјалдемократскиот сојуз, е целосно консолидиран по губењето на ланските локални избори.

Јас сум дел од континуитетот на Република Македонија, од времето на Киро Глигоров, Бранко Црвенковски, Љупчо Георгиевски, Никола Кљусев, Борис Трајковси и Зоран Заев, со кого влеговме во НАТО.

Мицкоски е дел од времето на Никола Груевски, бидејќи во тие 11 години еден милиметар не се поместивме. Сега секој ден седиме во Брисел“, рече премиерот во гостувањето на ТВ21, а пренесе Слободен Печат.

Previous articleКовачевски за парното во Скопје: Не беше лесно, но успеавме, за до крајот на октомври имаме обезбедено деривати за топлинска енергија
Next articleДарија: Нека му кажe некој на Стевчо, дека советник од неговата партија гласа за „бетонизација“ на Ѓорче