Home News Трифун Костовски со неверување се прости од својот другар: Вчера ти посветив...

Трифун Костовски со неверување се прости од својот другар: Вчера ти посветив колумна, денес те нема

Бизнисменот Трифун Костовски, во изминатите две години, постојано пишува колумни, а во дел од нив, ги раскажува случките од животот, со посебен акцент на неговите пријатели, блиски луѓе.

Вчера тој му посвети колумна на познатиот актер Марин Бабиќ, кој за жал, денес го напушти овој свет.

Трифун Костовски во неверување се прости од својот другар:

„Вчера ти посветив колумна, денеска физички повеќе те нема на овој свет. Живот… За жал, нема да те видиме во улогата на газда Митке, но засекогаш ќе останеш во нашите сеќавања, и во еден посебен дел во моето срце.

Почивај во мир Марин. Нека ти е светол патот кон незаборавот.“

Еве ја вчерашната колумна на Трифун Костовски, во која на најсликовит начин го опиша легендарниот актер!

„Мојот другар Марин. Почитувани читатели, денеска ќе пишувам за мојот прекрасен другар Марин Бабиќ или како јас вообичаено го именувам, Бабов или Бабиќи.

Роден во Белград, со прилепско потекло, по професија актер и многу често водител на ноќни програми, со прекрасни рецитали оставени зад себе, бидејќи неговиот длабок и радиофоничен глас буди силни чувства и емоции, особено кога се слуша низ етерот во тивките ноќни часови. Мевлем за душа.

Марин ми стана пријател и другар после 90-те години на минатиот век. Патиштата ни се вкрстија во моментот кога ние група Македонци решивме да создадеме нешто за Македонија во Македонија.

Се извинувам, нема да го именувам овој наш потег од причини што ги почитувам уредбите по кои се води оваа организација.

Во 90-те години со Марин и многумина мои другари патувавме често на релација Скопје-Белград, Скопје-Лондон. Живеејќи во тој период во Виена, честопати им се придружував од местата каде што се наоѓав за да стасаме до дестинацијата Белград или Лондон.

Токму на овие патувања јас и Марин сфативме дека сме сродни души со идентични погледи кон животот и севкупното опкружување. Суштински битно е дека Марин го стекнав како другар во зрела доба, што е невообичаено, бидејќи другарувањата и другарите вообичаено се стекнуваат за време на школувањето и студирањето.

Направивме преку 50-тина патувања на овие две релации и токму тие дружења во лондонските пабови, ресторани или убави белградски кафеани на Скадарлија јас и Марин се пронајдовме. Замислете тој актер, а јас економист. Единствено заедничко до тој момент за мене и Марин беше што тој беше секогаш на сцената, а јас во публиката.

Емоционално интелигентен, вообичаено за луѓето со таква професија и лесно заљублив по природа, се неговите маркантни атрибути кои сѐ уште го красат овој прекрасен другар.

Типично за прилепчанец умееше да се инаети, ама секогаш со доза на хумор. После нашето запознавање следеа чести дружби, дочеци на нови години и летувања, претежно во Турција и Грција. На сите овие дружења и настани Марин имаше свои перформанси со кои ни го збогатуваше моментот, бидејќи неговиот извонреден баршунаст баритон глас и прекрасно изведените рецитали кој умееше на негов својствен начин да ни ги пренесе, беа вистински подарок за нас љубителите на убавиот збор и мисла.

На настаните кои се случуваа при нашите крстарења по Егејското и Јонското море тој ја имаше палката на организатор на настани кои останаа длабоко во нашите сеќавања. Тиа беа костимирани настани на самите бродови или поточно маскенбали или организирање барбикју по убавите песочни плажи низ островите на Грција и Турција.

Нашето другарување го крунисавме со мојата поддршка за прекрасната манифестација „Глумците пеат”. Манифестација која остави длабоки траги во нашата колективна меморија на нас граѓаните на Република Македонија, која за жал денес ја нема. Марин беше креаторот и организатор на оваа манифестација.

Друга негова желба, која не успев да му ја исполнам, или да му помогнам е да ја одигра улогата на „Газда Митке” од делото ,,Коштана” од култниот врањски писател Борисав Станковиќ. Желбата да го глуми Газда Митке е синоним на неговиот личен карактер и стил на живот, бидејќи Марин е боем во севкупното негово живеење. З

нае на софра да седне , убаво да се најаде, напие, знае да запее и да рецитира. Со неговиот нескриен интерес кон понежниот пол, комплетно го отсликува споменатиот Газда Митке.

Не се откажуваме и двајцата од поривот еден ден да го видам Марин во улогата на Газда Митке.

Марин е човек со убав лик и става, што би рекле нашите Македонци „го има”, секако не помислувајќи само дека го има во килограми. Но Бабиќ има една специфична, нескротлива слабост – скокотливост.

Доволно беше само да му ги покажам прстите дека имам намера да го задевам, тој скокаше од столот и неконтролирано со невидена брзина за неговиот габарит, бегаше подалеку од мене. Убеден сум дека на првите 10 метри трчање за луѓе во негова категорија на тежина Марин би бил светски првак. Неверојатен СТАРТ! Секако знаејќи му ја слабоста дека ако почнам да го скокоткам тој нема да престане да се смее до солзи и гушење, се плашев да не испадне од ,,играчка плачка”.

Марин е син на еден од првите археолози во Република Македонија и горд сум на неговиот татко што токму тој ги пронајде првите христијански живеалишта во карпите кои се наоѓаат под денешниот манастир Зрзе, Прилеп.

Марин е татко на две прекрасни ќерки, дедо со внучиња и веќе пензионер со нескриена желба повторно да се врати на театарските штици. Умее да каже дека за актерот штиците живот значат, а за Газда Митке…ДА, тоа е предизвик за мене и Марин. Биди ми жив и здрав другар и ти ветувам никогаш повеќе нема да те скокоткам“, напиша вчера Трифун Костовски и ја запозна јавноста со една друга, приватна страна на познатиот актер.

Нека му се светол патот на Марин Бабиќ!

Previous articleКалиопи раскажа емотивна приказна за Тоше: Го запознав кога беше дете…
Next articleПоследното интервју на Марин Бабиќ во кое открива многу детали од својот живот (ВИДЕО)